Во вториот круг право на глас за Градот Скопје имаат 474 304 избирачи регистрирани во избирачкиот список кои ќе гласаат на 685 гласачки места

Жителите на Скопје денеска гласаат во вториот круг од локалните избори, кога ќе се одлучи за градоначалник на Градот Скопје и на четири од десетте градски општини – Аеродром, Карпош, Центар и Шуто Оризари.
Во вториот круг право на глас за Градот Скопје имаат 474 304 избирачи регистрирани во избирачкиот список кои ќе гласаат на 685 гласачки места. Во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар, гласачите добиваат две гласачки ливчиња – едно за градоначалник на Градот Скопје и едно за градоначалник на својата општина. Во Општина Шуто Оризари на три гласачки места ќе се гласа за градоначалници и ќе има прегласување и за советници.
За градоначалник на Град Скопје во трката се Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Амар Мециновиќ од Левица.
Во Општина Аеродром во вториот круг се кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и актуелен градоначалник на општината Дејан Митески и кандидатот на СДСМ и коалицијата Александар Трајановски.
Во Општина Карпош трката е меѓу кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Сотир Лукровски и актуелниот градоначалник и кандидат од ГРОМ, на коалицијата „Искуство за успех“, Стевчо Јакимовски.
Кандидатот на СДСМ и коалицијата и и актуелен градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, е во трката за втор мандат, а противкандидат му е Мирослав Лабудовиќ од движењето ЗНАМ.
Во Општина Шуто Оризари во вториот круг се кандидатот на Унија на Роми и актуелен градоначалник Курто Дудуш и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Ерџан Демир.
Во првиот круг од локалните избори, кој се одржа на 19 октомври, беа избрани градоначалници во шест скопски општини – Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Чаир, Сарај и Кисела Вода.
