Поради сериозноста на штетите од бомбардирањето, затворена е метро-станицата Лукианивска во близина на центарот на градот
Четири лица загинаа, а три се повредени во денешниот руски ракетен напад врз главниот град на Украина, Киев, соопштија тамошните власти. За разлика од минатото и претходните напади врз Киев, овој пат алармот за воздушен напад не профункционирал, а предупредувањето се вклучило дури откако одекнале експлозиите во градот. Според извештаите, во нападот руската армија користела балистички ракети, а оштетената метро-станица Лукианивска, која поради обемот на штетите е затворена, била цел на руски ракетни напади во минатото.

Поради нападите, во делови на Киев, каде што живеат три милиони жители, водоснабдувањето беше привремено прекинато.
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руската армија ја презела контролата врз селата Петропавловка и Вримивка во областа Донецк во источниот дел на Украина.
„Како резултат на успешните офанзивни дејства, единиците на армиската групација Центар го ослободија селото Петропавловка во Народна Република Донецк. Единиците на армиската група Исток продолжија да напредуваат длабоко во одбраната на непријателот го ослободија и селото Времевка“,
соопштија од руското министерство.
Оттаму соопштија и дека руските сили ги погодиле украинските воени цели со високопрецизно оружје како одговор на украинскиот напад врз јужниот руски регион Белгород, извршен со ракети АТАКМС од американско производство.