Засега нема приведени лица, а според извештаите во тек е полициска потрага по напаѓачот
Четири лица се убиени, а 12 се повредени, од кои четворица се во критична состојба, во масовно пукање во американската сојузна држава Мисисипи, пренесуваат светските медиуми.

Пукањето се случило околу полноќ на главната улица во Лиланд, мал град оддалечен 190 километри североисточно од главниот град на државата Џексон, изјавил градоначалникот на малиот град,Џон Ли, за Би-би-си.
Четворицата тешко повредени, според градоначалникот, со хеликоптер биле префрлени во болница.
Засега нема приведени лица, но, според извештаите во тек е полициска потрага по напаѓачот.
Според Би-би-си, гратчето Лиланд вчера било пораздвижено од вообичаено поради традиционален фудбалски натпревар што вообичаено секоја есен се игра во средното улилиште во градот, а на кој се поканети и поранешни ученици за да го прослават училишниот дух и заедницата.
Според градоначалникот Ли, нападот не се случил во кампусот на средното училиште, но навел дека станува збор за голема трагедија бидејќи Лиланд е мал град во кој секој со секого се познава.
„Ова е настан што го организираме секоја година и никогаш не сме имале вакви инциденти. Ние сме град во кој нема многу криминал. Има околу 3 700 жители. Сите се сложуваме и сите се познаваат со секого. Ова е трагедија за нас“,
изјавил тој за Би-би-си.
Полициската управа на Лиланд сè уште го истражува инцидентот и оттаму изјавиле дека во моментов не можат да споделат дополнителни детали, вклучително и колку куршуми се испукани и каков вид оружје е употребено. Бирото за истраги на Мисисипи, исто така, помага во истрагата.
Пукање со смртни последици било пријавено и во петокот вечерта во друг мал град во Мисисипи, Хајделберг, кој се наоѓа на околу 300 километри југоисточно од Лиланд.
Во овој напад биле убиени две лица, соопштил началникот на полицијата во Хајделберг, Конрел Вајт за Асошиејтед прес (АП).
Засега нема индиции дека пукањата во Лиланд и Хајделберг се поврзани.