Обвинителството бара мерките на претпазливост, кои на осомничените им биле одредени во текот на претходната постапка, да бидат заменети со ефективен притвор бидејќи досега прибраните докази упатуваат на сомненија дека тие сториле кривично дело за кое е им се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кавадарци донело наредба за спроведување истражна постапка против четири лица кои се осомничени дека лани во февруари силувале и тепале 13 годишно девојче во Неготинско.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство на РС Македонија, осомничените се товарат за кривичното дело силување дете што не наполнило 15 години, казниво според член 188 став 3 од Кривичниот законик.
Според описот на делото, осомничените на 14 февруари 2025 година по претходен договор меѓу нив со возило го зеле 13-годишното девојче, со кое едниот од нив се познавал, и го однеле на локација надвор од неготинското село Криволак.
„Сите имале сексуални односи со жртвата, удирајќи ја и навредувајќи ја, по што ја вратиле во Неготино“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Оттаму додаваа дека во текот на претходната постапка на осомничените им биле одредени мерки на претпазливост, но по отворањето на истрагата јавниот обвинител побарал од судот мерките да ги замени со ефективен притвор.
Имено, според Обвинителството, досега прибраните докази упатуваат на сомненија дека осомничените сториле кривично дело за кое им се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
