Еден клан е близок до министерот за внатрешни работи (Оливер Спасовски н.з.), друг клан е близок до генералниот секретар на партијата (Миле Зечевиќ н.з.), трет клан е близок до поранешниот премиер (Зоран Заев н.з.), четврти клан е близок до актуелниот премиер (Димитар Ковачевски н.з.), изјави пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција
Единствената причина поради која досега не е избран нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) е „клановската битка во СДСМ“, кој од нив ќе наметне свој директор на Агенцијата, тврди пратеникот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Според Николоски, вкупно „четири клана“ во СДСМ се борат за директорското место во АНБ.
„Постапката за избор на директор на АНБ трае шест до седум месеци вкупно досега. Единствената причина зошто досега не е избран нов директор на АНБ е затоа што постои клановска битка во рамки пред се на владејачката СДСМ кој од клановите таму ќе наметне свој директор на АНБ. Еден клан е близок до министерот за внатрешни работи (Оливер Спасовски н.з.), друг клан е близок до генералниот секретар на партијата (Миле Зечевиќ н.з.), трет клан е близок до поранешниот премиер (Зоран Заев н.з.), четврти клан е близок до актуелниот премиер (Димитар Ковачевски н.з.). Четири клана се борат во рамки на СДСМ кој да наметне директор на АНБ и затоа му го направија тоа понижување на Виктор Димовски да дојде на Комисија за контрола на АНБ и АР да предложи директор за внатрешна контрола и СДСМ партија чиј е член, а бил и функционер, да не му направи кворум, што е првпат во историјата на Собранието мнозинството само на себе да не си прави кворум“,
изјави Николоски.
Инаку, прашањето кое беше упатено до Николоски беше во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за оставка од Димовски, кога тој и онака ќе оди за амбасадор во Париз, на што Николоски рече дека тој сè уште е актуелен директор на АНБ и дека оставката во политиката е морален чин.
„Дури и да знаете дека мандатот ви завршува за пет дена, ако денес направите грешка треба да поднесете оставка затоа што тоа е чисто морален чин. Во однос на испраќање амбасадор во Франција се надевам дека ќе има доблест и министерството за внатрешни работи и кандидатот за амбасадор да ја отворат за јавност Комисијата за надворешни работи. Не гледам што има тајно во амбасадорување во Франција, па заеднички да поразговараме дали одговара или не одговара да биде амбасадор во Франција“,
рече Николоски.
Пратеникот во Собранието и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција обвини дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) наместо државна институција е претворена во партиско приватна институција која е подредена за личните и партиски интереси и побара одговорност и оставки од директорот на Агенцијата, Виктор Димовски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски за случајот „Онишченко“.