Пратеникот, кој до скоро ги бранеше боите на Беса во парламентот, рече дека во четвртокот самоволно се засолнил за да не дозволи земјата да отиде во правец кој е спротивен на неговите идеолошки определби
Четири дена по „потрагата“ по него и по неуспехот на иницијативата за недоверба на Владата, пратеникот Кастриот Реџепи, кој до скоро ги бранеше боите на Беса во парламентот, се појави денеска претпладне во Собранието.
Прес-конференцијата што Реџепи ја најави во петокот, денеска почна со дваесетина минути задоцнување, затоа што пратеникот, како што рече, прво бил на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, каде што денеска почнува расправата за буџетот за 2022 година.
„Јас сум мирен, со чиста совест. Нема поголема чест да ја водиш својата земја на патот кон слободата, демократијата, кон НАТО и ЕУ. Самоволно се засолнив на денот на седницата за доверба на Владата за да не дозволам земјата да ни отиде во правец кој е спротивен на мојата идеолошка определба“,
рече Реџепи, пред новинарите.
Во четвртокот лидерот на Беса прво го пријави Реџепи како исчезнат во полиција, за еден ден подоцна да го исклучи од партијата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, прво побрза да го спореди Реџепи со починатиот пратеник Амди Бајрам, за потоа ВМРО-ДПМНЕ во сите наредни денови да излегува со тврдења дека Реџепи бил киднапиран, иако во меѓувреме тој сам се пријави во полиција, каде што изјавил дека не е исчезнат, туку дека со семејството бил кај пријатели за да избегне публицитет во врска со собраниската седница.