Во заедничка изјава, Родољуб Шабиќ, Дубравка Валиќ Недељковиќ, Милева Малишиќ и Ира Проданов-Краишник наведуваат дека процесот на избор на членови на Советот на РЕМ е фундаментално бесмислен по одлуката на мнозинството во собранието на Србија да не ги избере сите девет члена на тоа регулаторно тело

Четири члена на српскиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) денеска поднесоа оставка бидејќи, како што посочија, не се согласуваат да бидат избрани во процес што ја става политиката над законот.
Во заедничка изјава, Родољуб Шабиќ, Дубравка Валиќ Недељковиќ, Милева Малишиќ и Ира Проданов-Краишник наведуваат дека процесот на избор на членови на Советот на РЕМ е фундаментално бесмислен по одлуката на мнозинството во собранието на Србија да не ги избере сите девет члена на тоа регулаторно тело.
„Со овој чин, владејачкото мнозинство нè доведе до свршен чин – во ситуација каде што се очекува да учествуваме во процес што е фундаментално бесмислен. Ова испрати порака дека институциите можат да се пополнуваат селективно, според потребите на партиите на власт, па дури и кога тоа е во согласност со законот и утврдената постапка. Во сегашните околности, веруваме дека единствениот чесен и одговорен чекор е да поднесеме оставка, бидејќи не се согласуваме да бидеме избрани во процес што ја става политиката над законот. Сакаме да бидеме целосно јасни: ова не е откажување од борбата. Напротив, токму оваа ситуација покажува зошто борбата беше и останува неопходна“,
наведоа тие во соопштението до јавноста.
Во средата пратениците во српскиот парламент избраа осум од девет члена на РЕМ за мандати од две, четири или шест години.
Парламентот не избра кандидат од националните совети на националните малцинства бидејќи на тоа се спротивстави Сојузот на војводинските Унгарци, дел од владејачката коалиција, кои тврдат дека предложените кандидати не ја одразуваат вистинската волја на тие совети.
Србија веќе една година е без Советот на РЕМ откако мандатот на претходниот состав истече на 4 ноември 2024 година, по усвојувањето на измените на Законот за електронски медиуми.
Изборот на членови на Советот на РEM е една од точките во рамките на потребните реформи што Србија треба да ги спроведе како дел од преговорите за членство во ЕУ.
Надлежност на тоа тело е да регулира, контролира и санкционира електронски медиуми – телевизиски и радиостаници кои имаат национална покриеност и нивните онлајн изданија.
