Првите четири банки ќе започнат со извршување на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година. Се очекува и преостанатите осум деловни банки, кои најавија поднесување барања помеѓу јуни и август, исто така да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да почнат со работа во рамките на СЕПА до истиот датум

Европскиот совет за плаќања (ЕПС) ги регистрира првите четири македонски банки – три големи и една средна – во регистарот на учесници во шемата за кредитни трансфери на СЕПА. Овој важен чекор го означува официјалниот почеток на членството на Северна Македонија во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА).
Народната банка на Република Северна Македонија, која ги координираше активностите за членство, претходно доби одобрение за членство од ЕПС на 6 март 2025 година, со што нашата земја стана дел од СЕПА. Ова им овозможува на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми за трансакции во евра опфаќајќи 41 земја членка.
Првите четири банки ќе започнат со извршување на кредитните трансфери во СЕПА од 6 октомври 2025 година. Се очекува и преостанатите осум деловни банки, кои најавија поднесување барања помеѓу јуни и август, исто така да бидат впишани во регистарот на ЕПС и да почнат со работа во рамките на СЕПА до истиот датум.
Интеграцијата на македонските банки во европскиот платен екосистем носи многубројни предности за граѓаните и компаниите. Ова пред сѐ значи побрзи, поефикасни и поевтини прекугранични плаќања во евра, како и поголема економска поврзаност и активност.
Народната банка останува целосно посветена на процесот на интеграција и ќе продолжи редовно да ја информира јавноста за напредокот.
Членувањето во СЕПА, како што велат од Народна банка, ќе овозможи побрзо, поефикасно и поевтино извршување на електронските плаќања во евра до која било земја членка на СЕПА и ќе има многубројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и економијата на земјата воопшто.
Дополнително, членството во СЕПА значи и поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ и исполнување на една од најважните цели на патот кон членство во Унијата.