Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта попладнево на платформата Икс ги објавија своите најдобри желби до новиот американски претседател
Лидерите на Велика Британија, Турција, Шведска и Финска му ја честитаа денешната инаугурација на новиот претседател на САД, Доналд Трамп.
Во честитката, британскиот премиер Кир Стармер рече дека со векови односите меѓу двата народа биле пример за соработка и трајно пријателство.
„Заедно го одбранивме светот од тиранијата и работевме на нашата заедничка безбедност и просперитет. Со долгогодишната наклонетост на претседателот Трамп и историските врски со Обединетото Кралство, знам дека длабокото пријателство ќе продолжи“,
рече Стармер.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во својата честитка изрази надеж дека вториот мандат на Трамп ќе донесе добро за целото човештво.
„Бидејќи Трамп повеќе пати рече дека ќе стави крај на руско-украинската војна, ние како Турција ќе направиме се што е потребно во тој поглед. Треба да го решиме ова прашање што е можно поскоро“,
порача Ердоган, додавајќи дека ова прашање ќе биде на агендата на Турција во разговорите со новиот американски претседател.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон му упати честитка на Трамп и посочи дека очекува да ја продолжи блиската соработка со САД.
Финскиот претседател Александар Стуб во објава на социјалната мрежа Икс рече дека му испраќа искрени честитки на Доналд Трамп за неговата инаугурација како претседател на САД и оти САД се клучен стратешки партнер и сојузник на Финска.
Честитки за инаугурацијата на Трамп му испратија и лидерите на ЕУ кои му посакаа успех во неговиот втор мандат како претседател на САД.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта попладнево на платформата Икс ги објавија своите најдобри желби до новиот американски претседател.
„ЕУ со нетрпение очекува да работи тесно со вас за да се справи со глобалните предизвици. Заедно, нашите општества можат да постигнат поголем просперитет и да ја зајакнат нивната заедничка безбедност. Ова е трајната сила на трансатлантското партнерство“,
напишаа двајцата, пренесе ДПА.
