Личниот лекар на Земан изјави дека претседателот бил примен во болница поради компликации од неговата хронична болест
Лекарите во Централната воена болница во Прага успеале да ја стабилизираат здравствената состојба на чешкиот претседател Милош Земан, кој беше хоспитализиран денеска.
Личниот лекар на Земан изјави дека претседателот бил примен во болница поради компликации од неговата хронична болест. Тој откри дека Земан бил примен на одделот за интензивна нега.
“Претседателот беше хоспитализиран по моја препорака. Ги знаеме причините, но не можам јавно да зборувам за тоа”, изјави Мирослав Заворал.
Во меѓувреме, Централната воена болница во Прага соопшти дека здравствената состојба на претседателот на Чешка е стабилна и дека тој може да остане во таа здравствена установа до три недели.
Агенцијата РИА Новости, повикувајќи се на чешката Си-ен-ен Прима њуз, наведувс дека кратко време по завршувањето на денешната средба меѓу Земан и премиерот Андреј Бабиш, итната помош ја напуштила претседателската резиденција, придружувана од претседателскиот автомобил.
Здравјето на Земан е значително влошено во последните недели поради хроничната невролошка болест.
На изборите одржани во Чешка во петокот и саботата, Земан гласаше во својата резиденција надвор од градот, каде што пристигнувањето на изборната комисија беше прикажано на видео, а моментот на гласање на Земан – само на фотографијата.
Милош Земан (77) минатиот месец мина осум дена во болница.
