Претседателот инсистираше Бабиш прво јавно да објасни како планира да го реши потенцијалниот конфликт на интереси како политичар и сопственик на огромна бизнис империја со повеќе од 250 компании кои имаат корист од субвенциите на Европската Унија
Два месеци по победата на парламентарните избори, чешкиот претседател Петр Павел се согласи да го назначи десничарскиот популистички милијардер Андреј Бабиш за премиер, пренесуваат агенциите. Одлуката која доаѓа по неколкунеделно двоумење на претседателот на Чешка да му го даде мандатот на победникот на изборите го отвора патот за формирање на влада во земјата.

Во изјава на платформата Икс, чешкиот претседател соопшти дека назначувањето на идниот премиер ќе се случи во вторник.
Претседателот инсистираше Бабиш прво јавно да објасни како планира да го реши потенцијалниот конфликт на интереси како политичар и сопственик на огромна бизнис империја со повеќе од 250 компании кои имаат корист од субвенциите на Европската Унија.
Во видео објавено на социјалните мрежи, Бабиш рече дека ќе го предаде управувањето на својот удел во „Агроферт“ на независен стечаен управник.
„Одлучив неповратно да ја предадам компанијата ‘Агроферт’ и немам ништо повеќе со тоа“,
рече 71-годишниот Бабиш, додавајќи дека средствата ќе им се пренесат на неговите деца дури по неговата смрт.
За време на неговиот прв мандат помеѓу 2017 и 2021 година, Бабиш, исто така ги довери своите компании на стечаен управник, а дел од критичарите тогаш го доведоа во прашање кредибилитетот на таквиот негов потег.
Премиерот на Чешка во заминување, Петр Фиала, рече дека се надева оти Бабиш „барем овој пат ќе го одржи она што ѝ го вети на јавноста“, додека други го отфрлија предложениот стечаен управник како козметичко решение.
Инаку, за формирање влада, Бабиш веќе потпиша договор за коалиција со две десничарски партии – Партијата на мотоциклистите и партијата Слобода и директна демократија (СПД) на новиот претседател на парламентот Томи Окамура, која е настроена против НАТО и критична кон Европската Унија.
Заедно, трите партии контролираат 108 од 200 места во Претставничкиот дом на чешкиот парламент.
