Во текот на вечерта во земјава се очекува да пристигне и помошта од Словенија, која вклучува 62 пожарникари и 18 специјални противпожарни возила кои, исто така, од утре ќе се вклучат во гаснењето на пожарот на Готен
Чешкиот хеликоптер „блек хок“ со седумчлена посада попладнево слета на Меѓународниот аеродром Скопје, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Хеликоптерот утре наутро ќе почне да дејствува врз пожарот на планината Готен од беровска страна, каде што во моментов има активен шумски пожар. Чешкиот „блек хок“ е со големо ведро од 3,4 тони.
Во текот на вечерта во земјава се очекува да пристигне и помошта од Словенија, која вклучува 62 пожарникари и 18 специјални противпожарни возила кои, исто така, од утре ќе се вклучат во гаснењето на пожарот на Готен.
Претходно денеска Ангелов информира дека по активирањето на ЕУ-механизмот за цивилна заштита во текот на вчерашниот ден, помош најавиле неколку држави меѓу кои Австрија и Франција, но, како што рече, таа помош засега не е потребна, а би се активирала доколку е потребно.