Чешката тенисерка од минатиот месец е без проблеми во Австралија, но по избивањето на аферата за визата на Новак Ѓоковиќ, Ворачова во четвртокот беше приведена од австралиските власти со барање да ја напушти земјата и е затворена во хотел во кој се наоѓаат имигранти кои чекаат за влез во Австралија или депортација
Чешка испрати протестна нота до Австралија барајќи од властите во земјата да објаснат зошто ја депортираат тенисерката Рената Ворачова, која од декември е во Австралија со ист исклучок како Новак Ѓоковиќ и веќе одигра еден подготвителен натпревар во таа земја пред „Австралија опен“.
„Можеме да потврдиме дека чешката тенисерка Рената Ворачова е во истиот хотел со Ѓоковиќ заедно со уште неколку тенисери во Мелбурн. Според нашите информации, таа докажала дека не е заразна на начин што и дава право да учествува на турнирот ‘Австралија опен’. Затоа испративме протестна нота преку амбасадата во Канбера и бараме објаснување“,
изјави Анета Коварзова од прес-секторот на чешкото Министерство за надворешни работи за чешкиот портал Ехо24.
За разлика од Новак Ѓоковиќ, Ворачова реши да се откаже од турнирот и да ја напушти Австралија поради ограничените можности за тренирање, а чешкиот конзулат и помага да ги заврши формалностите за да ја напушти Австралија, соопшти чешкото МНР.
Како што пишуваат чешките медиуми, Ворачова неодамна прележала ковид-19 и има доволно антитела, па ја послушала препораката на лекарот да чека вакцинација неколку месеци, а благодарение на тоа имала целосно право да учествува на престижниот тениски турнир како невакцинирана.
Чешката тенисерка од минатиот месец е без проблеми во Австралија, но по избивањето на аферата за визата на Новак Ѓоковиќ, Ворачова во четвртокот беше приведена од австралиските власти со барање да ја напушти земјата и е затворена во хотел во кој се наоѓаат имигранти кои чекаат за влез во Австралија или депортација.
На деветкратниот победник на Австралија Опен му беше поништена австралиската виза бидејќи не приложил доказ дека е вакциниран со две дози против ковид-19, ниту имал веродостоен документ со кој би потврдил дека од медицински причини не може да биде вакциниран.
Неговите адвокати водат постапка пред локалниот суд за поништување на оваа одлука, но доколку таа биде потврдена, Ѓоковиќ ќе биде депортиран од Австралија.