Заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи и директор на канцеларијата во Софија посочува дека последиците од бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија ќе бидат директни и Софија повеќе нема да може да смета на соработката и на разбирањето од страна на Брисел
Бугарија е целосно сама во спорот со Северна Македонија, нејзините позиции се неразбирливи за другите членки на ЕУ, што ја става во групата проблематични земји, како што се Полска и Унгарија, оценува Весела Чернева, заменик-директорка на Европскиот совет за надворешни односи и директор на канцеларијата во Софија.
„Нашиот спор со Северна Македонија има два аспекта – прво, ние ги сведовме соседските односи и дијалог на историски спорови, што е само по себе неприфатливо во процесот на преговори, и второ – ветото нѐ стави во аголот на проблематичните земји на ЕУ, како што се Полска и Унгарија“,
изјави Чернева за Блумберг ТВ Бугарија.
Според неа, Софија остана неразбрана од партнерите во ЕУ и е оставена сама во спорот со Скопје
„Ако ги оставиме настрана нашите односи со соседите, кои во моментов се наоѓаат на многу ниско ниво, Бугарија стана неразбран партнер за сите земји на ЕУ. Затоа се осмелувам да кажам дека сме оставени сами во спорот со Скопје“,
вели Чернева.
Таа посочува дека последиците од бугарското вето за евроинтеграцијата на Северна Македонија ќе бидат директни и Софија повеќе нема да може да смета на соработката и на разбирањето од страна на Брисел.
„Фондот за обнова, Зелениот договор и трансформацијата на бугарскиот енергетски сектор, кој е зависен од јаглен, се фактори на кои им е потребна помош од ЕУ. Но, по нашето ‘не’, барањата и желбите на Софија ќе бидат глас во пустината“,
смета Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешни односи и директор на канцеларијата во Софија.
Сличен став вчера изнесе и бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, кој за Би-ти-ви изјави дека Бугарија речиси ништо не направила за да ја објасни позицијата во однос на Република Северна Македонија и наместо тоа се водела од фактот дека европратениците го простудирале македонското прашање многу внимателно во текот на годините.
„Ова не може да биде современ пристап во заштитата на националните интереси“,
вели Ќучук, кој е известувач на ЕП за нашата земја и воедно е потписник на заедничката изјава на дваесетина европратениците со која се бара да не се испушти шансата за зелено светло за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на оваа година.