Вечерва и во текот на утрешниот ден продолжуваат активностите за затрупување на критичните делови од пожарот на депонијата
Мирисот на чад и изгорена пластика што вечерва го чувствуваат жителите на скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Драчево доаѓа од депонијата „Дрисла“, каде што од вчера попладне е активен пожарот, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

„Ветрот вечерва го смени правецот и дува од депонијата ‘Дрисла‘ во насока кон Скопје поради што во делови од градот се чувствува силен непријатен мирис“,
рече тој.
Посочи дека и вечерва и во текот на утрешниот ден продолжуваат активностите за затрупување на критичните делови од пожарот на депонијата.
Инаку, пожарот на оваа депонија од денеска се гаси со затрупување откако претходните обиди за гаснење со вода не дале резултати.
Најави дека утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија во Вардариште.
Жители на скопските населби Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода, Пинтија и Драчево вечерва се жалат дека во воздухот мириса на чад и на изгорена пластика.
Споделувајќи фотографии од апликациите за мерење на загаденоста на воздухот, велат дека параметрите на штетни честички во воздухот во овие населби се високи.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, коментирајќи го квалитетот на воздухот во главниот град откако вчера попладне избувна пожар во депонијата „Дрисла“, рече дека иако визуелно изгледа дека воздухот во Скопје е загаден, сепак, испитуваните параметри на штетни честички не се така алармантни.
„Нема зголемени такви параметри што се алармантни. Тоа е визуелно така, но кога се испитувани параметрите не се така алармантни. Но, лошо е да се прави тоа. И ќе се прави и има причина зошто се прави. Затоа го поставив прашањето кому му одговара ова да се случува сега. Кога ќе дадете одговор на ова прашање, ќе ви стане јасно кој и зошто го прави“,
кажа тој.