Членката на Судскиот совет вели дека како причина за поднесените интерпелации, меѓу другото, се наведува неусвоениот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година, а во оваа смисла, Чачарова-Илиевска ги потсети пратениците за неусвоениот извештај за работата на Советот и од 2016 година. Тогаш, како што вели, немаше ситуација некој да се дрзне и да поднесе интерпелација за член на Судскиот совет
Интерпелација на членови на Судскиот совет е недозволив и противуставен акт – вели членката на Советот, Тања Чачарова-Илиевска, која е една од петтемина членови за кои е поднесена интерпелација од страна на владејачкото мнозинство во парламентот. Вели дека подносителите на интерпелациите се повикуваат на нивното загарантирано право за интерпелација согласно член 72 од Уставот, меѓутоа, како што вели, одредбата од член 68 став 1 алинеја 15 има поинакво уставно решение.

„Таму стои дека интерпелација може да биде поднесена за секој носител на јавна функција којшто одговара пред Собранието. Членовите на Судскиот совет, согласно Уставот и Законот за Судски совет и на кој упатува Уставот по однос на круцијалните прашања што се однесуваат на Судскиот совет – состав, мандат на членовите, надлежностите, услови и постапки за избор и разрешување на Судскиот совет, услови и постапка за избор и разрешување на член, на утврдување на одговорност на член на Судски совет се прашања коишто согласно Уставот се поконкретно образложени и уредени во Законот за Судски совет. Значи, согласно цитираната одредба на Уставот, интерпелацијата за петте члена кои се избрани од Собранието е недозволена“,
изјави Чачарова-Илиевска во изјава за медиумите.
Додава дека поднесувањето на интерпелациите за членовите на Судскиот совет е преседан во досегашната парламентарна демократија во земјава. Вели дека како причина за поднесените интерпелации, меѓу другото, се наведува неусвоениот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година, а во оваа смисла Чачарова-Илиевска ги потсети пратениците за неусвоениот извештај за работата на Советот и од 2016 година. Тогаш, како што вели, немаше ситуација некој да се дрзне и да поднесе интерпелација за член на Судскиот совет.
„Синоќа на една од телевизиите имав можност да слушам еден од пратениците којшто рече дека било природно право тој што те избира и да те разрешува. Во правото нема природно право, туку нормирани состојби, нормирани прашања, права и одговорности. Така што, Уставот посветил доволно одредби кои се однесуваат на Судскиот совет, децидно се допрецизирани во Законот за Судски совет и пратениците, за жал, немаат уставно право на ваков чин. Со тоа што е поднесена интерпелација само за петте члена на Советот е повредено основното начело на еднаквост на членовите на Судскиот совет. Законот не прави разлика дали членовите се одбрани од редот на судиите или од Собранието, а со тоа се прави дискриминацијата меѓу членовите, што е недозволено“,
додаде членката на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска.
Пратениците ги повика да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори кои ги ратификува токму парламентот и да постапуваат согласно нив. Додаде дека нема да се појави на денешната собраниска седница на која ќе се расправа по однос на поднесените интерпелации на петте члена на Советот избрани од Собранието.