Скендер Бузаку, кој од лани е во институционална битка за преземање на челната позиција во ИВЗ смета дека во одлуката за разрешување на поглаварот е вмешана политиката, но дека се е во лична режија на Сулејман Реџепи, кој, според него, за само неколку месеци ќе се врати на функцијата.
„Овие што наводно го сменија се со него. Целта е да се заштитат и да го прикријат сторениот криминал. Тие треба да дадат отчет бидејќи со децении го премолчуваат и поддржуваат уништувањето на ИВЗ. Сите тие треба да поднесат оставка поради колапсот до кој ја донесоа институцијата“,
вели Бузаку во изјава за порталб.мк.
Според него, одлуката за избор на гостиварскиот муфтија Шаќир Ефенди Фетаху за вршител на должноста претседател на ИВЗ е незаконска, бидејќи во тек е судски спор за позицијата.
„Сè уште сме на суд и ја чекаме одлуката. Назначувањето вршител на должноста претседател не е предвидено со Уставот на ИВЗ. Оваа функција не може да биде заведена ни во Централниот регистар, ниту на на кое било друго место. Додека има судска постапка, не може да се назначи друго лице за претседател на ИВЗ. “,
вели Бузаку.
Во март минатата година, Бузаку се прогласи за поглавар на ИВЗ врз основа на одлука на Ријасетот донесена по неотповилкива оставка поднесена од Сулејман Реџепи.
Реисот и најголем дел од муфтиите го демантираа и укажаа дека документот за демисија е фалсификуван а тие никогаш не гласале за избор на Скендер за Бузаку.
Основниот суд Скопје 2 на 10 април минатата година, врз основа на од него доставените документи за претседател на ИВЗ го назначи Скендер Бузаку. По жалбата на Сулејман Реџепи, Апелациониот суд ја поништи одлуката и го врати случајот на повторно судење.