Градот Скопје денеска го почна проширувањето и реконструкцијата на булеварот Борис Трајковски, на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова Река пред Драчево. Булеварот, кој е долг 2 325 метри, наместо две ќе добие четири коловозни ленти, а ќе има и пешачки и велосипедска патека. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
„Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изработката на оваа делница и тоа како ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително, на булеварот Борис Трајковски, на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа – и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите.
рече градоначалникот Петре Шилегов.
За изградба на булеварот Град Скопје издвои околу 3,5 милиони евра.
Шилегов додаде дека во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници, во неколку скопски општини.
„Ова всушност е почеток на летната градежна офанзива на Град Скопје, па ги замолувам граѓаните да имаат трпение додека се вршат реконструкциите. Ќе бидеме брзи како и секоја година, што всушност стана препознатливост на оваа градска администрација и моја, како градоначалник. Да ги почитуваме сообраќајните режими бидејќи новата и квалитетна инфраструктура е гаранција дека Скопје чекор по чекор станува една поинаква приказна, дека Скопје чекор по чекор заличува на европска метропола“,
рече Шилегов.