„Јас сега не сакам да кажам дека јас бев против тоа да се извади во јавноста. Неблагодарно е тоа да се каже. Но, тоа беше грешка во проценка“, рече потпретседателот на ДУИ
Играњето фудбал во кабинетот на Артан Груби, додека беше прв вицепремиер, беше повеќе сцена за снимање отколку за играње. Ова е коментарот на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, на прашањето дали и тој влезе во филмот на Груби снимајќи го тоа видео.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Османи рече дека објавувањето било грешка.
Османи: Мене ми е жал за тоа видео кое беше буквално сцена за снимање. Ниту беше играње, ниту беше… Онака, пауза меѓу состаноци. Меѓутоа, не требаше тоа да излезе во јавност.
„360 степени“: Ако се види контекстот, извинете што ќе бидам директен, беше покажување среден прст кон јавноста.
Османи: Тоа беше грешка. Јас сега не сакам да кажам дека јас бев против тоа да се извади во јавноста. Неблагодарно е тоа да се каже. Но, тоа беше грешка во проценка.
Османи додаде дека е убеден оти немало стратешки грешки во однос на тоа каде ја гледаат државата и граѓаните во иднина. Според него, во тој поглед лидерот на ДУИ, Али Ахмети, не направил грешка.