Во објава на Фејбук тој вели дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом и затоа што смета оти жителите на оваа општина не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови
Потпретседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и поранешен министер за надворешни работи, Бујар Османи, ќе биде кандидат за градоначалник на скопската општина Чаир на коалицијата „Европски фронт“.

Оваа одлука е донесена на денешната 21. седница на Централното претседателство на ДУИ, што се одржа во Тетово.
Покрај кандидатурата на Османи, на седницата се потврдени и следните кандидатури за градоначалници од партијата:
- Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ, ќе биде кандидат на коалицијата за градоначалник на Тетово;
- Емир Сулејмани, претседател на општинската организација на ДУИ во Желино, ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Желино;
- Валдет Џафери, претседател на огранокот на ДУИ во Гостивар, ќе биде носител на советничка листа во Општина Гостивар;
- Фатон Положани, претседател на огранокот на ДУИ во Струга, ќе биде носител на советничка листа во Општина Струга.
„Европскиот фронт“ ќе ги подели градоначалничките кандидатури. Така, освен ДУИ, кандидати за градоначалници ќе имаат и Алијанса за Албанците (АА), предводена од Зијадин Села, како и другото крило на АА предводено од Арбен Таравари.
Од Села се очекуваат предлози за кандидати за градоначалници во општините Струга, Арачиново и Дебар. Од Таравари, пак, за општините Гостивар, Врапчиште, Теарце и Сарај.
Османи вечерва на својот фејсбук-профил објави дека и официјално е кандидат за градоначалник на скопски Чаир.
Посочи дека одлуката не ја донел поради функцијата, туку поради одговорност кон сопствениот дом и затоа што жителите на оваа општина не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови.
„Се работи за моите соседи, за нас, за иднината на нашите деца. Го прифаќам предизвикот, зашто сакам онака како што јас пораснав во Чаир, тука да растат и моите деца и нивните другарчиња“,
напиша тој на Фејсбук.
Според него, Чаир може да се промени, да го врати достоинството, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните.