Откако го доби уверението за вториот мандат, старо-новиот претседател на Бугарија најави дека во првата половина на јануари ќе свика седница на Консултативниот совет за национална безбедност во врска со прашањето со Скопје
Бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност ќе биде свикан во првата половина на јануари во врска со прашањето за Република Северна Македонија, соопшти претседателот на Бугарија, Румен Радев, по свеченоста на која Централната изборна комисија им ги врачи уверенијата на избраните претседател и потпретседател на Бугарија.
„Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на РСМ во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес“,
изјави Радев.
Како главни приоритети во својата работа во неговиот втор мандат тој го истакна зајакнувањето на државноста, поголема правда, повеќе законитост, заштита на националните интереси и создавање на сите потребни услови и поддршка на институциите во нивната работа, со цел Бугарија да се развива како просперитетна модерна европска земја.