Иако тој директно не соопшти дека ќе формира партија и дека ќе учествува на следните предвремени парламентарни избори, сепак, како што известуваат бугарските медиуми, тоа може да се заклучи од неговото вечерашно излагање. Таа партија се очекува да игра значајна улога на политичката сцена, а според некои проценки, дури и да победи на изборите
Бугарскиот претседател Румен Радев во вечерашното обраќање до нацијата соопшти дека утре официјално ќе поднесе оставка од функцијата шеф на државата.

Од функцијата Радев заминува точно една година пред завршување на мандатот.
Функцијата ќе ја извршува потпретседателката Илијана Јотова, која ќе има задача да именува службена влада на Бугарија и да распише предвремени избори.
„Денеска, за последен пат, ви се обраќам како претседател на нашата Бугарија. Прво, би сакал од сите да побарам прошка. Времето ја стави вашата доверба на тест, затоа ви благодарам за вашето трпение. Ги признавам моите грешки, свесен сум за тоа што не успеав да го постигнам. Но, токму моето верување дека тоа ќе го постигнеме, е една од главните причини за оваа моја одлука“,
рече тој во обраќањето.
Посочи дека граѓаните пред девет години првпат го гласале да работи за Бугарија како претседател, а истото го направиле и во 2021 година.
„Таа чест и одговорност се обидов да ја оправдам во сите мои постапки. Заедно доживеавме голем број кризи, нападите на олигархијата врз демократијата и големите протести во 2020 и 2025 година. Околностите ме принудија седум пати да назначам привремени влади“,
кажа Радев.
Според него, во овие девет години, Бугарија го заврши процесот на својата европска интеграција, за што додаде дека напорно работеле и редовните и привремените влади. Бугарија денес е членка и на Шенген и на Еврозоната.
„Прашањето е зошто постигнувањето на овие цели не донесе стабилност и задоволство. Зошто Бугарите престанаа да гласаат? Зошто не им веруваат на медиумите и не се потпираат на правдата? Зошто граѓаните двапати ги преплавија плоштадите, а во европска Бугарија голем процент од луѓето се чувствуваат сиромашни, а уште поголем дел живеат во несигурност“,
праша тој.
Одговорот на овие прашања рече дека лежи во злобниот модел на управување, кој има надворешни знаци на демократија, но всушност функционира според механизмите на олигархијата.
„Бугарската политика се одвива надвор од институциите. Во овој модел, дискредитирани политичари, етикетирани како корумпирани на меѓународно ниво, и нивните соучесници, тргуваат со националниот интерес. Во име на својата политичка иднина, некои политичари го ставија на коцка мирниот живот на Бугарите во услови кога во близина на нашите граници се одвива опасна војна. Тие дури и го нарушија граѓанскиот и етничкиот мир, кој ќе го зачуваме и покрај нивните провокации“,
кажа Радев.
Посочи и дека привремената влада повеќе не е гарант за фер избори.
„Нашата демократија не може да преживее ако ја оставиме на корумпирани луѓе и екстремисти. Тоа зависи од личната посветеност на секој од нас, а вашата доверба ме обврзува да ја заштитам државноста, институциите и нашата иднина“,
посочи тој.
На есенските протести, според него, младите Бугари јасно кажаа дека не сакаат да ја напуштат Бугарија.
„Ова е пресвртница во психологијата на нашиот народ и затоа е време да се стави крај на помирувањето, рамнодушноста и индивидуалното спасение, да се напуштат поделбите што нè закотвуваат во минатото“,
рече бугарскиот претседател во обраќањето.
На крајот од излагањето, Радев рече дека се соочуваат со битката за иднината на татковината.
„Верувам дека ќе ја водиме заедно со вас – достојните, инспирираните и непомирливите. Подготвени сме, можеме и ќе успееме!“,
кажа тој.
Иако тој директно не соопшти дека ќе формира партија и дека ќе учествува на новите парламентарни избори, сепак, како што известуваат бугарските медиуми, тоа може да се заклучи од неговото вечерашно излагање. Таа партија се очекува да игра значајна улога на политичката сцена, а според некои проценки, дури и да победи на изборите.
Румен Радев е петтиот демократски избран претседател на Бугарија. Првпат е избран за претседател во ноември 2016 година, а повторно во ноември 2021 година.
Редовните претседателски избори треба да се одржат кон крајот на годинава, а новоизбраниот шеф на државата треба да положи заклетва во јануари 2027 година.
Бугарија ја очекуваат осми по ред парламентарни избори од 2021 година наваму.
