Веста за посетата на бугарската делегација на чело со премиерот Петков во Киев, како што јави дописникот на МИА од Софија, доаѓа во контекст на сериозни проблеми помеѓу владејачките партии околу прашањето за испраќање воена помош за Украина, откако вчера шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба ја напушти Софија без да добие јасен одговор дали Бугарија ќе обезбеди воена помош за неговата земја
Бугарскиот премиер Кирил Петков во наредните денови ќе го посети Киев заедно со претставници од четирите партии од владејачката коалиција, изјави тој во интервју за Нова ТВ, а пренесе МИА.
Веста за посетата на бугарскиот премиер на Киев, како што јави дописникот на МИА од Софија, доаѓа во контекст на сериозни проблеми помеѓу владејачките партии околу прашањето за испраќање воена помош за Украина, откако вчера, шефот на украинската дипоматија, Дмитро Кулеба ја напушти Софија без да добие јасен одговор дали Бугарија ќе обезбеди воена помош за Украина.
Кулеба учествуваше на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика, пред која зборуваше за руската инвазија врз неговата земја и повика на воена помош.
Премиерот на Бугарија Кирил Петков напиша обраќање на Фејсбук, во кое повика на бришење на црвените линии и укинување на ултиматумите за ова прашање. „Демократска Бугарија“ најави дека доколку не се прифати воена помош, тоа може да доведе до нивно повлекување од владејачката коалиција. Лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов на својот Фејсбук профил за првпат напиша оти треба да се обезбеди секаква помош за Украина, вклучувајќи и воена.
Главен противник за испраќање на воено оружје, пак, останува Бугарската социјалистичка партија на вицепремиерката Корнелија Нинова, која смета оти доколку се даде оружје, конфликтот дополнително ќе ескалира.
По велигденскиот одмор, Народното собрание на Бугарија мора да одлучи дали ќе испрати воена помош за Украина.