Како што јави МИА од Софија, Петков ја истакнал бугарската благодарност до рускиот народ за Ослободувањето, но дека не може да се потцени со споредби со денешната братоубиствена војна во Украина
Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска ја повикал руската амбасадорка во Бугарија да се придржува до општоприфатените норми за дипломатска комуникација и побарал таа да се однесува со должна почит и да не користи навредливи квалификации кон бугарските институции.
Како што јави МИА од Софија, ова Петков на амбасадорката на Русија во Софија Елеонора Митрофанова и го кажал во телефонски разговор денеска. Според прес-центарот на бугарската влада, амбасадорката Митрофанова му се извинила на бугарскиот премиер.
„На средбата со Митрофанова, Кирил Петков ја изрази и својата огорченост што во официјалната честитка до Бугарија на 3 март, руската амбасада во Софија ја спореди војната во Украина со ослободувањето на Бугарија во 1877-1878 година. Петков ја истакнал бугарската благодарност до рускиот народ за Ослободувањето, но дека не може да се потцени со споредби со денешната братоубиствена војна во Украина. Бугарскиот премиер инсистираше Амбасадата на Руската Федерација во Софија да не се меша во внатрешната политика на Бугарија, во согласност со меѓународните документи. Тој ја поздрави намерата на руската амбасадорка отсега да биде конструктивена. Бугарскиот премиер повика на прекин на војната и враќање на дијалогот“,
се вели во соопштението од бугарската Влада, пренесе МИА.
Амбасадорката на Русија во Бугарија пред неколку дена, честитајќи му го националниот празник на бугарскиот народ ја искористи приликата да ги советува Бугарите војната во Украина да ја гледаат како руско-турската ослободителна војна.
Митрофанова ова го кажа во видеообраќање на Фејсбук страницата на Амбасадата, иако претходно објави дека мисијата е префрлена на Телеграм поради „информативната агресија од Вашингтон и неговите евроатлантски бази“. МНР на Бугарија за оваа нејзина изјава побара извинување.