Со понудувачот кој имал понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, од „ЕСМ продажба“ нагласуваат дека е склучен валиден деловен договор кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака

Во февруари „ЕСМ продажба“ природен гас ќе набавува од бугарската компанија „Балкан јутилитис“. За набавката на гасот за потребите на „ЕСМ продажба“, како и за потребите на другите стопански субјекти во државата, компанијата потпиша договор со „Балкан јутилитис“.
Како што информираат од „ЕСМ продажба“, на јавниот повик кој бил достапен за сите домашни и странски компании пристигнале две понуди.
„Фирмата ‘Актаел’ понуди цена од 99,83 eвра за мегават час, а фирмата ‘Балкан јутилитис’ понуди цена на природниот гас од 98,71 евра за мегават час“,
велат од компанијата.
Понудените цени на гасот, според „ЕСМ продажба“, од страна на двете фирми ги опфаќаат сите трошоци за набавка на енергентот, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа.
„Овој факт го потенцираме со цел да се избегнат евентуални шпекулации кои би произлегле од цената на гасот на берзите во моментов, но во берзанската цена не се вкалкулирани сите споменати дополнителни трошоци кои произлегуваат од набавката, како што се закуп на преносни капацитети, разни такси и маржа“,
велат од „ЕСМ продажба“.
Со понудувачот кој имаше понудено пониска цена во моментот на носење на одлуката за избор, од „ЕСМ продажба“ нагласуваат дека е склучен валиден деловен договор кој ги содржи сите параметри од јавниот повик, односно количина, цена, динамика и гаранција за испорака.
„Со оваа набавка во целост ќе се задоволат потребите од природен гас за производство на топлинска енергија за топланите ‘Исток’ и ‘Запад’, ‘Енергетика’ и ‘Скопје Север’, како и за останати потрошувачи на природен гас во земјава. Граѓаните да бидат сигурни и спокојни дека и во февруари ќе продолжи континуираното снабдување со топлинска енергија“,
порачуваат од „ЕСМ продажба“ и најавуваат дека во текот на февруари ќе биде објавен нов јавен повик за набавка на природен гас за март 2023 година.
