Бугарските националистички партии сметаат дека пратениците кои гласаа за „францускиот предлог“ направиле предавство бидејќи директно го признале постоењето на македонскиот јазик а не обезбедиле никакви гаранции дека ќе се препрочитува историјата, учебниците, дека ќе се санкционира јазикот на омраза. Дури и претседателот Радев смета дека Бугарија во однос на гаранциите за овие прашања и оставила бланко чек на Македонија
Двете националистички партии кои егзистираат на бугарската политичка сцена, парламентарната „Преродба“ и вонпарламентарната „ВМРО“ на Красимир Каракачанов жестоко ја критикуваат вчерашната Резолуција на Народното Собрание, кое го прифати т.н. француски предлог. За нив одлуката претставува предавство на бугарските национални интереси, а челникот на ВМРО повикува на национална револуција со која ќе се спречи капитулацијата на бугарската државност.
Георгиев: Направени се суштински отстапки од бугарскиот национален интерес
Пратеникот на „Преродба“, Ангел Георгиев објаснува неколку точки од документот со кои, како што тврди, Бугарија прави огромни отстапки на сметка на своите национални интереси.
Според него, во „францускиот предлог“ директно се признава постоењето на македонскиот јазик. Исто така, нема цврсти гаранции дека македонската страна ќе го спроведува Договорот за добрососедство од 2017 година. Тој смета дека се дава можност македонската страна да тврди дека го почитува, бидејќи барањето за негово исполнување е формално, без обврски и механизми тоа да се следи при отварањето на секое од преговарачките поглавја. За Георгиев, предавство е и тоа што не е предвидена обврска РСМ да изготви Акциски план за заштита на заедниците (малцинствата), како основа за отворање на поглавјето 23 „Темелни принципи“. Тој и неговата партија го оценуваат како неуспех и впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав, бидејќи за нив немало да има специјална формулација, туку во преамбулата ќе биде внесени на ист начин како и останатите малцинства.

Каракачанов: Време е за национална револуција, сведоци сме на капитулација на бугарската државност
За поранешниот министер за одбрана и вицепремиер, Красимир Каракачанов, и неговата партија „ВМРО“, одлуката на бугарското Народно Собрание претставува капитулација на бугарската државност и национално понижување на бугарскиот народ.
„Политичарите од Северна Македонија кои со децении ни ја крадат и фалсификуваат бугарската историја, благодарејќи им на Макрон и на импотентните бугарски пратеници, излегоа како победници“,
смета Каракачанов.
Во Декларацијата која ја објави неговата партија се тврди дека во „францускиот предлог“ недостасуваат гаранции за јазикот на омразата, за препрочитување на историјата и за мониторинг врз работата и на конкретните резултати од работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашање и т.н.
Каракачанов вели дека е е „време за национална револуција“, бидејќи, според него, битката не е завршена.
„84 отсто од бугарскиот народ јасно се изјасни против какви било компромиси со бугарската историја и достоинство преку понижување пред Скопје и т.н партнери од Брисел“,
вели тој.
И претседателот Радев смета дека Бугарија не обезбедила гаранции за историјата, учебниците и за јазикот на омраза
Со слична забелешка околу недостигот на гаранции, денеска се огласи и Претседателот на Бугарија, Румен Радев. Тој не е во целост задоволен од пакетот документи во т.н. француски предлог кои вчера ги усвои Народното собрание на Бугарија бидејќи поради невнимание на политичарите е направен пропуст во однос на бугарско-македонскиот (билатералниот н.з) протокол, со што Бугарија, на никаков начин, не ги заштитила своите барања.
„Што се однесува за гаранциите за културно-историското наследство, за учебниците, говорот на омраза, вчера пратениците изгласаа бланко чек. Многумина од нив не ни успеаја да сфатат дека тој не ги содржи категорично потребните механизми, рокови и критериуми за заштита“,
изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев.
За него, францускиот предлог содржи многу од основните бугарски барања, но тој можел да биде и многу подобар, доколку бугарските политичари посветиле повеќе внимание на целиот процес и се консултирале со неговиот Кабинет, рече денеска Радев коментирајќи ја вчерашната резолуција на бугарското Собрание со условите под кои Бугарија ќе го подигне ветото за евроинтеграциите на С Македонија.