Со голема извесност се наметнува идна соработка на три политички групации – „Продолжуваме со промената“, коалиција предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов и „Има таков народ“ на Слави Трифонов
Трите групации сами нема да имаат мнозинство, па ќе им треба четврти партнер. А со оглед на тоа што исклучуваат преговори со ГЕРБ и ДПС, потенцијалниот четврти партнер за влада треба да се бара во БСП на Корнелија Нинова
По излезните анкети и резултатите од т.н. паралелно пребрување што го прават неколку агенции по денешните избори во Бугарија, почнуваат првите комбинаторики за формирање влада. Засега се чини дека со голема извесност се наметнува идна соработка на три политички групации – „Продолжуваме со промената“ (ПП), коалиција предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов и „Има таков народ“ (ИТН) на Слави Трифонов.
Трите групации се дел од т.н. партии на промената и се сметаат за природни партнери во идна влада. Тоа веќе и го најави во првите изјави по денешното гласање. Сепак, многу е веројатно дека трите групации заедно нема да стигнат до мнозинство во парламентот и дека ќе им биде неопходен четврти партнер. Со оглед на тоа што и трите групации категорично одбиваат преговори со ГЕРБ и со ДПС, преостанува можноста за договарање со Бугарската социјалистичка партија (БСП) на Корнелија Нинова.
Една од работите што ќе ги направи попрецизни математиките ќе биде одговорот на дилемата дали во парламентот ќе влезат шест или седум политички групации. Седмопласираната „Преродба“ на едни излезни анкети го надминува прагот од 4 отсто, а на други е под него. Од тоа ќе зависи дефинитивниот распоред на мандатите во парламентот.
„Галуп“ прогнозира победа на „Продолжуваме со промената“
Според паралелното пребројување на агенцијата „Галуп“, на 85% од примерокот, „Продолжуваме со промената“ е победник на изборите со 26,3 отсто од гласовите пред ГЕРБ-СДС со 23,3 отсто.
Бугарската социјалистичка партија добива 11,4 отсто од гласовите, ДПС е со 10,7 отсто поддршка, следува ИТН со 8,9%, па Демократска Бугарија со освоени 6,8 отсто. Според овие податоци од „Галуп“, „Преродба“ е безбедно над прагот од 4% и влегува во новиот парламент.
Сепак, конечните резултати и распределбата на мандатите треба да се почекаат од државната изборна комисија.
ПП отворени за преговори, но не со ГЕРБ и ДПС
„Продолжуваме со промената“ (ПП) е прва политичка сила. Ќе се случат 121 пратеник и со Бугарија ќе владее коалиција. Земјата тргнува на нов пат. Ова го изјави копретседателот на групацијата што најверојатно ќе заврши со најмногу освоени гласови на парламентарните избори во Бугарија, Кирил Петков, кој најавува дијалог, но не со сите политички партии.
„Ќе работиме заедно со Демократска Бугарија и ќе разговараме со сите групи претставени во парламентот, без ГЕРБ и ДПС“,
рече Петков.
Петков посочи дека „Продолжуваме со промената“ разбира дека на Бугарија и треба редовна влада.
„Отсега сите ние имаме огромна одговорност да ги оствариме сите овие работи што ги кажавме во последните два месеца. Тоа може да се направи само со редовна влада, преку дијалог и компромиси“,
рече копретседавачот на ПП, кој смета дека компромисите не треба да се на база на нефункционално судство или преостанатата корупција.
И ИТН на Тифонов подготвена за договор
Од партијата на Слави Трифонов, „Има таков народ“, велат дека сите партии на промената може да сметаат на нивното партнерство. Како следни потези најавуваат учество во разговори со ладен ум и практичност.
Партијата нема да преговара со ГЕРБ и ДПС, а нивните природни партнери ги гледаат во „Продолжуваме со промената“ и „Демократска Бугарија“.