Вториот мандат би требало да ѝ припадне на второрангираната партија на неодамнешните парламентарни избори, чиј лидер Бојко Борисов најави дека ќе се откаже од постапката за формирање влада. Од ИТН, пак велат дека сега им се опозиција на сите
По проверка на кворумот и второгласање, бугарските пратеници го решија спорниот случај со кандидатот за премиер на „Има таков народ“ (ИТН), Пламен Николов, објави БГНЕС.
Мнозинството донесе акт на парламентот, со кој во пракса е одобрено повлекувањето на Николов од постапката за избор на влада на Бугарија, за што тој претходно наведе лични причини. Ова овозможува продолжување на уставната постапка и претседателот Румен Радев да го предаде вториот, а потоа и третиот мандат.
ИТН ја напушти пленарната сала и не учествуваше во двете последователни дискусии и гласања, бидејќи сметаат дека тие се „само фарса“.
Вториот мандат би требало да ѝ припадне на ГЕРБ, како второрангирана партија на неодамнешните парламентарни избори, чиј лидер Бојко Борисов, доскорешен премиер на Бугарија, најави дека ќе се откаже од постапката за формирање влада. Борисов најави дека ГЕРБ ќе претстави предлог-кабинет, предводен од Даниел Митов, ама дека веднаш потоа ќе го врати мандатот.
„Ако мандатот дојде кај нас, ќе го претставиме нацрт-кабинетот на Даниел Митов, затоа што сме отворени и сакаме граѓаните да знаат што предлагаме, ама веднаш откако ќе го презентираме ќе го вратиме мандатот“,
изјави денеска Борисов, посочувајќи дека ГЕРБ не е виновна што другите партии во Бугарија не можат да се договорат за Влада.
Третиот манда, пак, веројатно, би отишол кај Бугарската социјалистичка партија (БСП), ама дискутабилно е дали и бугарските левичари би успеале да формираат Влада без ГЕРБ, особено ако се има предвид последната најава на ИТН дека нема да гласа за поддршка на третиот мандат.
„Сигурно ќе има трет мандат, бидејќи така е според Уставот, ама ИТН нема да го поддржи. ИТН сега е опозиција на сите“,
изјави Филип Станев од партијата на Слави Трифонов.
Доколку се случи оваа опција, како што рече Станев, тоа ќе биде без ИТН. Тој, исто така, информира дека „несудениот премиер“ Пламен Николов останува пратеник во бугарското Собрание.