Претседателот на пратеничката група на АПС, Хајри Сад’ков, придружуван од уште неколкумина сопартијци, му се заблагодари на Радев за гестот, но наведе дека нивната пратеничка група има сензитивни чувства за она што го слушнала од протестите на плоштадите во Бугарија во декември. Во тој контекст, Сад’ков кажа и дека тие биле првите што гласно зборувале дека се потребни нови избори и излегле да протестираат заедно со граѓаните
Претходно неделава мандатот за состав на влада веднаш по врачувањето неисполнет го врати кандидатот за премиер на ГЕРБ-СДС, Росен Жељазков, а два дена подоцна истото го стори и втората по сила коалиција во Бугарија ПП-ДБ
Одиме на избори. Ова е заклучокот на бугарскиот претседател Румен Радев откако утрово ѝ го врачи третиот и последен мандат за формирање влада на Алијансата за права и слободи (АПС), чии претставници веднаш му го вратија неисполнет.

Со враќањето на мандатот од страна на АПС, која е третата политичка партија, односно коалиција што го стори тоа неделава, Бугарија и официјално влегува во нов изборен циклус, осми по ред во последните шест години.
Врачувајќи го мандатот, бугарскиот претседател Радев рече дека не случајно одбрал тоа да биде на партијата Алијанса за права и слободи, чии членови и симпатизери, како што кажа, подобро од другите биле свесни за пороците на актуелниот модел на управување во земјата.
„Вашите членови и симпатизери беа подложени на притисок, а и денес тие продолжуваат да бидат под разни форми на влијание. Ви го предавам овој мандат како симбол на национално единство и против секој обид на себични политичари да внесат етнички тензии, за кои нема основа во Бугарија и кои им служат само на нивните теснопартиски и, пред сè, лични интереси. Повелете, кажете го вашиот став – дали ќе го прифатите мандатот и ќе барате мнозинство во 51. Народно собрание или ќе се движиме кон решавање на оваа криза со одржување предвремени парламентарни избори“,
кажа Радев, пренесе БНТ.
Претседателот на пратеничката група на АПС, Хајри Сад’ков, придружуван од уште неколкумина сопартијци, му се заблагодари на Радев за гестот, но наведе дека нивната пратеничка група има сензитивни чувства за она што го слушнала од протестите на плоштадите во Бугарија во декември. Во тој контекст, Сад’ков кажа и дека тие биле првите што гласно зборувале дека се потребни нови избори и излегле да протестираат заедно со граѓаните.
„Први го кренавме гласот да зборуваме за феноменот што доаѓаше, и кога сфативме дека оваа проценка е веќе национална, дека општеството виде што се случува, бевме со нив на плоштадите. Свесно и одговорно, нашата пратеничка група ме овласти да го вратам третиот мандат неисполнет, со цел со сите наши заеднички напори да реализираме фер, слободни, транспарентни и демократски избори“,
рече претседателот на пратеничката група на АПС, Хајри Садаков.
По ова, претседателот на Бугарија, Радев, кратко заклучи дека земјата оди на избори.
„Благодарам. Вам ви посакувам успех. Одиме на избори“,
рече тој.
Ваквиот исход уследи откако завчера коалицијата „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), како втора политичка сила го врати мандатот за состав на влада, исто така, веднаш откако ѝ беше врачен од Радев. Надежда Јорданова од ПП-ДБ, во средата изјави дека одлуката да го вратат мандатот како неисполнет е мотивирана од фактот дека во 51. Народно собрание на Бугарија не постои можност за формирање реформистичко мнозинство кое би го разградило моделот на освоена држава.
Претходно неделава и Росен Желјазков, како кандидат за премиер од ГЕРБ-СДС, исто така веднаш го врати неисполнет првиот мандат по неговото примање. По враќањето на мандатот, Жељазков посочи дека најсоодветниот датум за избори е 29 март.
Според бугарскиот Устав, доколку првиот мандатар не предложи состав на министерски совет во рок од седум дена, претседателот го доверува мандатот на втората по големина група, а доколку и тоа не успее тогаш на трета партија по негов избор. Доколку не се постигне согласност, се назначува преодна влада и се закажуваат нови избори во рок од два месеца.
Речиси сите партии во парламентот, вклучувајќи ги „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“, „Преродба“, „ДПС – Нов почеток“, БСП и другите помали формации, веќе се изјаснија дека нови избори се единственото решение. Некои од партиите дури го нарекоа сегашниот состав на собранието „апсолутно нелегитимен“. Ова ќе бидат осми по ред парламентарни избори во Бугарија од 2021 година наваму.
