„Сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска, како пријателска земја, има голема желба и е подготвена да подаде рака да помогне, за да може вашето државно раководство и општество многу побрзо да се справи со предизвиците и да ги спроведе Копенхашките критериуми за членство“, кажа бугарскиот претседател на Самитот во Тирана
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска на заедничката прес-конференција со македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател Бајрам Бегај на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на Процесот за соработка со Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Тирана рече дека Бугарија никогаш не ставила вето на С Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Ова тој и го порача на Сиљановска-Давкова откако таа во нејзиниот говор обвини дека С Македонија нема доволно поддршка од соседите на патот кон членството во ЕУ.

„Не станува збор за вето или успорување на процесот од соседна земја. Зборуваме за внатрешни предизвици поврзани со човековите права и владеењето на правото. Сакам да ве уверам дека Бугарија, како најблиска, како пријателска земја, има голема желба и е подготвена да подаде рака да помогне, за да може вашето државно раководство и општество многу побрзо да се справи со предизвиците и да ги спроведе Копенхашките критериуми за членство. Сето тоа е насочено кон иста цел, сите земји да се приклучат и да станат членки“,
рече бугарскиот преетседател.
Посочи дека има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола.
„Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“,
кажа тој.

Сепак, додаде и дека она што сакаат да го видат е запазување на човековите права во рамки на Договорот.
„Ние сакаме час поскоро се што стои во тие документи да се запази. Станува збор за човекови права, чекаме трета година да се отвори процесот на присоединување и да почнат преговори со Северна Македонија и со промени во Уставот. Моето прашање е зошто тоа не се случува“,
кажа тој.
На прес-конференција заклучи и дека Бугарија како долгогодишен член на ЕУ и иден претседавач со оваа иницијатива, со конструктивна надворешна политика ги поддржува процесите за да станеме уште поблиски за интеграција во ЕУ и ќе биде конструктивен и одговорен партнер во постигнувањето на заедничката иднина за сите граѓани од регионот.
Сиљановска-Давкова на Самитот во Тирана порача дека сериозна пречка е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам, како и дека овие постапки не само што го забавуваат процесот на евроинтеграцијата, туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа.
„Кандидатите за членство, наместо солидарност и фер процес, сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања. Така, наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на Европската Унија и ова мора да се смени и тоа за доброто на сите“,
кажа таа.