Во ситуација на војна нема како да се преговара за нов договор со „Газпром“, па се работи на алтернатива, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за финансии, Асен Василев, за Бугарското национално радио. Договорот за снабдување на Бугарија со гас истекува на 31 декември.
„Во оваа ситуација не може да има преговори со ‘Газпром’. Попрво бевме подготвени да го прекинеме гасот поради војната или санкциите, но има алтернативи“,
рече Василев.
Тој посочи дека „Трансбалкански тек“, преку кој Турција и Грција го добиваа својот гас преку Бугарија, е со капацитет од 20 милијарди кубни метри и дека може да се користи во двете насоки. А. на Бугарија и требаат три милијарди кубни метри, нагласи министерот.
Тој рече дека биле водени разговори со Турција и Грција, кои имаат терминали за течен гас, а останува и можноста за снабдување од Азербејџан. Објасни дека овие други опции ќе доведат до малку повисоки цени.
Тој посочи дека алтернативата не е само бугарска, туку европска стратегија која ќе се спроведе поради војната. Василев најави дека во наредните недела-две ќе се разговара за потпишување заеднички договор за снабдување со гас на ЕУ, за членките да не се натпреваруваат меѓу себе. „Кога има поголеми количини, може да се постигнат подобри цени“, рече Василев.
Тој рече дека очекува таков механизам за снабдување ширум Европа да биде имплементиран до летото. За нас е важно да бидеме активни пред први јануари, рече тој.