Бугарскиот Централен оперативен штаб предложи укинување на 14-дневниот карантин за бугарските и странските државјани од земјите-членки на ЕУ, како и за граѓаните од Северна Македонија и од Србија при влезот во Бугарија, јави БГНЕС.
Задолжителниот 14-дневен карантин ќе остане само за граѓаните на осум држави, кои имаат голем број инфицирани лица со Ковид-19 во последните две недели. Карантинот ќе биде задолжителен за граѓаните на Белгија, Италија, Малта, Шпанија, Португалија, Шведска, Ирска и Велика Британија.
Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева пред неколку дена изјави дека очекува, во согласност со спецификите на секоја од државите, од 15 јуни да се врати нормалното движење во рамките на Европската Унија и со соседните земји кои имаат сличен епидемиолошки ризик.
Во Бугарија евидентирани се 2 485 лица заразени со новиот коронавирус, од кои 136 починаа.
