Од ЕК за МИА не биле во можност да одговорат дали ова прашање наскоро ќе се реши и дали тоа има безбедносни импликации за Европската Унија
Договорот на ЕУ со Северна Македонија за Фронтекс сѐ уште не е потпишан поради Бугарија која не се согласува со употребата на „македонски јазик“ во договорот.
„Референцата ‘македонски јазик’ е единствената пречка што преостанува за потпишување на договорот, за други детали обратете се директно кај националните власти“,
се вели во писмениот одговор од Европската комисија до МИА, од каде што побарале одговор до каде е потпишувањето на овој договор.
Договорот е инициран во јули 2018 година, но до денес не е потпишан. Од Комисијата не биле во можност да одговорат дали ова прашање наскоро ќе се реши и дали тоа има безбедносни импликации за Европската Унија.
Европската Унија е во процес на потпишување на договор со земјите од Западен Балкан за Фронтекс, односно за интегрирано гранично управување, една од стратегиските точки во борбата против „нелегалната миграција“ на ЕУ бидејќи земјите од регионот се наоѓаат на клучната „балканска рута“.
Во последните две години, ЕУ ваков договор потпиша со Албанија, Црна Гора и со Србија.