Тој додава дека е можно да има намалување на ДДВ и замрзнување на цените, но вели оти како влада следат како се одвива работата и не сакаат да брзаат со потезите

Владата внимателно ја анализира состојбата со цените на основните производи и размислува за нови интервенции преку намалување на ДДВ и замрзнување на цените, но нема да дејствува под притисок. Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за справувањето со економските предизвици.
Премиерот призна дека поради одлуката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто буџетот веќе трпи сериозни загуби, кои се проценуваат на околу милион евра дневно. Сепак, тој нагласи дека Владата ја контролира ситуацијата и нема место за паника.
„Сега нема да очајуваме и да кукаме, тоа е што е. Ние како влада ја владееме ситуацијата, точно знаеме каде одиме и немаме никаква дилема. Предизвици ќе има, тешко е, не е лесно. Многу ни се собра – 2,5 милијарди евра треба да вратиме, го враќаме и оној солидарен данок. Од април почнуваме со исплата на платите од новите колективни договори, сè некако наеднаш дојде“,
рече Мицкоски.
Тој додава дека можно е да има намалување на ДДВ и замрзнување на цените, но вели оти како влада следат како се одвива работата и не сакаат да брзаат со потези.
„Подобро е да направиме чекор назад за да ја изанализираме состојбата, па потоа два напред. Не ни се брза, не сакаме под притисок да носиме одлуки и решенија што може да имаат сериозни последици“,
изјави Мицкоски.
Според него, долговите што оваа влада ги враќа се токму резултат на такви избрзани политики, без стратегија и „многу криминални политики од минатото“.
