Додека судската власт се соочува со хронични кадровски и финансиски проблеми, претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, го критикува Министерството за финансии поради неисполнување на законскиот минимум и игнорирање на барањата за средби

Наместо раст на средствата, судовите остануваат без нови вработувања и со скратени ресурси, што според претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, ја загрозува функционалноста.
„Не речиси, туку нема“, дециден е Камбовски во врска со вработувањата во судството, а коментирајќи го фактот дека нови кадри не се вработуваат и покрај потребите.
Иако законот предвидува судството да добива 0,8% од државниот буџет, таа сума никогаш не е достигната.
„Судството никогаш не добило повеќе од 0,3 %. Тоа е еден проблем. Вториот проблем е што ние немаме финансиска независност, што е огромен проблем“,
вели Камбовски.
Со последниот предлог-ребаланс, буџетот за судската власт е намален за околу 20 милиони денари. Истовремено, од судовите биле отпуштени 170-180 лица кои биле ангажирани со договор на дело поради што новоизбраните судии остануваат без административна поддршка.
Камбовски вели дека Министерството за финансии упорно ги игнорира барањата за состаноци и координација.
„Во повеќе наврати се имам обратено и имам побарано прием да седнеме и да разговараме, меѓутоа од таа страна немам никаков одговор. А треба да имаме соработка“,
вели претседателот на Судскиот совет.
Во интервјуто тој предупредува дека начинот на кој се однесува извршната власт не само што ја руши рамнотежата меѓу гранките на власта, туку и го крши законот.
„Ние сме еднакви со таа власт! Законодавната, извршната и судската власт се еднакви“,
реагира првиот човек на Судскиот совет.
На прашањето зошто судството не реагира поагресивно, Камбовски одговара со горчина.
„Како?! Да излезат сите судии со тоги и да држат демонстрации?! А, од друга страна, тоа што најмногу ме лути е што се бараат резултати од судството. Како без персонал, без луѓе, со врзани раце, ви кажуваат, влезете во борба. Како да влезеш во борба“,
реагира Камбовски.