Како што нагласи градоначалничката, „сè што е ветено во програмата за ‘Модерно Скопје’ ќе биде и реализирано“, оти како што рече „граѓаните го заслужуваат тоа“
Буџет за набавка на автобуси во јавниот превоз нема, но автобуси ќе има, изјави на денешната прес-конференција градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање дали годинава ќе бидат набавени ветените 250 екоавтобуси.
„Затоа што сака да се вади од контекст, морам да кажам: Во буџетот нема средства за набавка на автобуси во јавниот превоз и самите знаете во каква состојба е оставен. Но набавка на автобуси ќе има. Затоа верувам дека голем дел од оние што ја пренесоа таа вест треба да се оградуваат од манипулации што некој ги пласира во јавноста, а со цел да деградира нечии политики и да го деградира она што е ветено пред граѓаните“,
изјави Арсовска откако од СДСМ реагираа за сè уште неспроведената набавка на автобусите, која беше ветена во предизборието.
Како што нагласи Арсовска, интересот на граѓаните треба да биде пред сè и додаде оти „сè што е ветено во програмата за ‘Модерно Скопје’ ќе биде и реализирано“, оти како што рече „граѓаните го заслужуваат тоа“.
„Да биле кадарни тие кои сега зборуваат, немаше да реализираат само пет проценти од својата програма и да бидат казнети од граѓаните затоа што не го исполниле тоа што им ветиле“,
додаде Арсовска.