Ова е порака и за нашата власт и за опозицијата – да не оставаат по 20 години, на генерациите политичари што доаѓаат по нив, да ги решаваат проблемите, да не се плашат, вели поранешниот премиер и специјален пратеник на Владата за Бугарија
Не смееше да дојде до ваква ескалација на проблемот. Вака, универзитетскиот професор и доскорашен специјален пратеник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски, одговара на прашањето дали Северна Македонија е на работ на влез во нов „темен тунел“, во каков што беше речиси 12 години по добивањето на кандидатскиот статус за членство во Европската Унија во 2005 година.
Тој, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, рече дека по изгубена битка, сите се прават генерали, алудирајќи на мислењата дека било погрешно што во билатералниот договор со Бугарија е прифатена формулација за „заедничка историја“.

„Сме напишале затоа што мнозинството и во Европската Унија, мнозинството што го следи развојот на македонската нација, кои не ја спорат нашата посебност, не можат да негираат дека имаме дел заедничка историја и сме напишале вешто – не велиме дека заедничката историја е цела заедничка, туку е на двата народа, преку заеднички личности и настани кои нѐ обединуваат за да бидеме обединети во иднината“,
вели тој.
Бучковски додава дека од нашите горки искуства не научивме дека ако го решевме спорот со Грција во првите две до пет години, според него, сега ќе имавме далеку подостоинствено решение.
„Немаше да имаме ерга омнес, немаше да го смениме Уставот. Или Нишкиот договор меѓу СПЦ и МПЦ, сте го споредиле со ова што сега го поздравуваме сите? Најголема доверба во нашето општество кај православните христијани има нашата Македонска православна црква. Споредете го договорот од Ниш и споредете сега 20 години подоцна. Тоа е порака и за оваа наша власт и за опозицијата – да не оставаат по 20 години, на генерациите политичари кои доаѓаат по нив, да ги решаваат проблемите, да не се плашат. Значи, Преговарачката рамка – осум-десет години. За осум-десет години да дадеме шанса и во Бугарија, наверојатно, ќе има поинаква политичка номенклатура“,
смета Бучковски.

Избори на есен, ако во јуни нема пробив во евроинтеграциите, за Бучковски би било политичка лудост. Му порачува на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека треба да учи што прават другите опозиционери што немаат избори.
„Опозиционер кој верува дека може да стигне до победа не би ризикувал да ја преземе сега власта, за шест месеци истите кои сега се на улица, двојно повеќе да излезат против новата власт и да бараат решенија за кризата која, да не се лажеме, не можат посилни влади од нашата да ја решат преку ноќ. Овде треба трпение од сите, треба конструктивност од опозицијата и мене ми е жал што во вакво невреме и понатаму нема дијалог меѓу власта и опозицијата“,
смета тој.
*Повеќе вести од вечерашното издание на „360 степени“:
- Марковиќ за бугарското вето во ЕУ: Да не пристапуваме фаталистички кон јуни
- Бучковски: Не им даваме дополнителна сила на Петков и неговата влада да дојдат до компормис
- Ќе има ли избори наесен по ново вето од Бугарија во јуни – одговара Ненад Марковиќ
