Барањето на бугарската страна за промена на Уставот и нејзино вклучување во преамбулата во овие околности е невозможна мисија, меѓудругото, и поради потребата од двотретинско мнозинство, смета Бучковски
Најавата на бугарскиот претседател Румен Радев, дека Софија ја менува политиката кон Македонија и наместо на историските прашања се концентрира на прашањето за човековите права, треба позитивно да се цени, бидејќи досегашната пракса покажа оти заглавивме во историските теми што нѐ доведе во ќор-сокак, вели специјалниот претставник на Владата во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, во изјава за МКД.мк.
Тој смета дека позитивно влијание има и квалитетот на претседателските кандидати кои отстапуваат, како што вели, од оние стереотипи кои ги гледавме претходно, а евидентен е притисокот од меѓународната заедница со кој се соочува Бугарија.
„Главните кандидати за претседател се соочуваат со реалноста дека Бугарија мора најде излезно решение пред домашната јавност, но притоа да се тргне од она што за нас е исклучително битно, да се тргнат какви било дилеми кај нас околу загрозувањето на нашиот идентитет со тоа што би се признала во преговарачката рамка употребата на македонскиот јазик што создава реално сериозни пречки за да се затворат другите пет точки кои беа на маса. И на крајот можеби дилемите кои сега се отворени во бугарското општество, што кога Бугарија ги отвора прашањата за правата на Бугарите во Македонија, што со правата на оние кои таму се декларираат како Македонци и што со отворените, а нереализирани, неизвршени пресуди на Судот во Стразбур“,
вели тој.
На прашањето дали додавањето на прашањето за човековите права на постојните пет прашања не значи и дополнително оптоварување во односите, Бучковски вели дека ако доминира само прашањето за заедничката историја и ако се види како функционираше заедничката историска комисија и комисијата за образовни прашања, тогаш очигледно е дека целиот напор е осуден на неуспех.
Барањето на бугарската страна за промена на Уставот и нејзино вклучување во преамбулата во овие околности е невозможна мисија, меѓудругото, и поради потребата од двотретинско мнозинство, смета Бучковски.
„Мислам дека ако кој било испрати сигнал дека ние сме подготвени тоа да го направиме значи дека не е искрен во намерите да се најде решение. Треба да се бараат други решенија, но и да се почитува тоа што тие го праќаат кон нас како забелешка. Треба крајно професионално, независно од политичката криза во која западнавме, да се проверат сите тие наводи и врз основа на наши официјални аргументирани одговори да продолжи да се гради довербата. Мислам дека малку фали за да се направи пресврт. Сите очекувавме дека тоа ќе се случи по изборите во Бугарија, но, никој не калкулираше дека може ние да западнеме во ваква длабока политичка криза“,
оценува Бучковски.