Владо Бучковски има мандат од една година и ќе работи на реализација на акцискиот план за успешно спроведување на Договорот за пријателство, исполнувајќи го очекувањето од нашите граѓани за зајакнување на пријателството и соработката, изјави денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање за улогата на експремиерот Бучковски, кој пред неколку дена беше назначен за специјален претставник на Владата во преговорите со Бугарија.
„Тој треба да биде мотиватор за реализација на Договорот, а преговорите ги водат МНР, министерот Бујар Османи, државниот секретар, вклучен е и вицепремиерот за европски прашања, кој е во контакт со европските министри и секако тука е мојот кабинет преку амбасадорот Дане Талевски, кој од почетокот е во овие разговори“,
рече Заев додавајќи дека меѓу нештата на чија реализација ќе се работи е изградбата на инфраструктурата на Коридорот 8, во соработката во економијата, енергетиката, изградбата на интерконектот на југот, во културата, здравството…