По распадот на СЈО, Бубевски и Донев беа во матичните обвинителства – ОЈО Скопје односно ОЈО Кочани, од каде што ќе се упатат на новите позиции. За името на Бубевски изминатиот период се шпекулираше и како за најсериозен кандидат за нов републички обвинител. Двајцата обвинители не се единствените од СЈО кои досега беа избрани на нови работни места

Обвинителот Гаврил Бубевски, кој беше дел од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), е избран за шеф на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје. Неговиот колега од тимот што го предводеше Катица Јанева, Стевчо Донев, пак, е избран за обвинител во Вишото јавно обвинителство Штип.
Изборот е направен на денешната седница на Советот на јавни обвинители. Покрај двајцата обвинители од поранешното СЈО, како што извести „Коалицијата сите за правично судење“, Соња Симовска и Љупчо Коцевски се избрани за обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, а Бесир Алиу за шеф на ОЈО Тетово.
Меѓу поекспонираните предмети од СЈО што Бубевски ги застапуваше во судниците во Основниот кривичен суд Скопје беа „Монструм“ и „Титаник 3“. Донев, пак, го застапуваше случајот „Триста“ во кој поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски е осуден на пет години затвор за набавка на триста возила во МВР, а го води и предметот „Тендери“ каде што обвинета е бившната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Бубевски и Донев по распадот на СЈО, се вратија во матичните обвинителства. Бубевски во ОЈО Скопје, а Донев во ОЈО Кочани од каде што ќе се упатат на новите позиции.
За Бубевски се шпекулираше и како еден од фаворитите за нов републички обвинител во период кога актуелниот Љубомир Јовески се споменуваше како еден од кандидатите за уставен судија.
Двајцата обвинители кои денеска се избрани на нови позиции не се единствени од СЈО кои по враќањето во матичните обвинителства добија нови места. Лиле Стефанова, Артан Ајро и Трајче Пеливанов во април лани станаа обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми беа унапредени во обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје.
Поврзани вести:
Ќе го отвори ли Јовески патот за нов државен обвинител – од редовите на некогашното СЈО?
Стефанова, Ајро, Пеливанов, Поп Трајкова и Коларевиќ се нови обвинители во тимот на Русковска
За виши обвинители се избрани Фатиме Фетаи и Бурим Рустеми од СЈО, шефот на ОЈО Скопје…
Ленче Ристоска го „спакува“ Мијалков и за возврат доби „казна“ од Советот на јавни обвинители