Речиси 500 луѓе патувале во двата воза кои учествувале во несреќата, пренесе Ел Паис. Во возот на линијата Малага-Мадрид имало 294 луѓе, додека во возот кој одел од Мадрид за Уелва се наоѓале 184 патници
Во Шпанија денеска е прогласена тридневна жалост додека спасувачите продолжуваат да ги пребаруваат уништените вагони за да ги пронајдат жртвите по судирот на возови во кој загинаа најмалку 40 лица, а десетици се повредени.

Според последните информации, бројот на жртви во железничката несреќа во Адамуз во Кордоба се зголеми на 40, додека 41 лице е хоспитализирано, од кои 12 се на интензивна нега, соопштија андалузиските служби за итни случаи.
Полицијата соопшти дека отворила неколку канцеларии каде луѓето можат да поднесат пријави и да предадат примероци од ДНК за идентификација на жртвите, пренесува „Гардијан“.
Шпанскиот премиер Педро Санчез, говорејќи од местото на несреќата, најави дека ќе биде прогласена тридневна жалост. Тој гарантираше дека владата ќе ги објави информациите штом бидат познати деталите за несреќата.
Речиси 500 луѓе патувале во двата воза кои учествувале во несреќата, пренесе Ел Паис. Во возот на линијата Малага-Мадрид имало 294 луѓе, додека во возот кој одел од Мадрид за Уелва се наоѓале 184 патници.
Шпанскиот министер за сообраќај Оскар Пуенте, рече дека линијата Мадрид-Андалузија веројатно повторно ќе биде отворена на 2 февруари. Кога станува збор за можноста дека причина за излетувањето на возот од шините е дефект на пругата, министерот кажа дека мора да се утврди дали тоа е причината или последицата. Пуенте објасни дека шините на пругата каде што се случи несреќата во Адамуз не пукнале само на една делница, туку на неколку места, долж делница на пругата долга 200 или 300 метри. Тој укажа дека се уште не се знае дали тоа е причината или последицата од несреќата.
Министерот напомена дека ова е прва голема несреќа на брзите пруги, со исклучок на судирот во Галиција. Исто така, тој прецизираше дека 20 минути пред несреќата, три други воза поминале низ таа делница на пругата без инциденти.
Италијанската компанија „Ирио“ соопшти дека нивниот воз, кој учествувал во несреќата, поминал последен преглед четири дена претходно.
Околу 40 припадници на Единицата за вонредни ситуации (УМЕ) работат на местото на несреќата во Адамуз, наведоа извори од шпанското Министерство за одбрана.
