Иранската организација ХРАНА со седиште во САД соопшти дека ја потврдила смртта на 2 403 демонстранти, 147 загинати се поврзани со владата, а меѓу жртвите се и 12 малолетници и девет цивили кои не биле вклучени во протестите
Бројот на жртви од протестите во Иран достигна 2 403, објави иранската група за човекови права ХРАНА со седиште во САД. Организацијата соопшти дека ја потврдила смртта на 2 403 демонстранти, 147 загинати се поврзани со владата, а меѓу жртвите се 12 малолетници и девет цивили кои не биле вклучени во протестите.

Ирански функционер во вторникот изјави дека околу 2 000 луѓе се убиени, што е првпат властите да дадат вкупен број на жртви во двонеделните немири низ целата земја. Бројот на жртви и натаму расте додека религиозните лидери на Иран се обидуваат да го задушат најголемиот бран антивладини протести во последните години.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика Иранците да продолжат со протестите, ветувајќи дека ќе им обезбеди помош. Најави и дека САД ќе преземат многу силни мерки против Иран доколку режимот почне да ги беси демонстрантите.
„Не сакаме она што се случува во Иран да продолжи. Нема да заврши добро“,
рече Трамп и додаде дека администрацијата чека официјална потврда за бројот на убиени демонстранти од иранските безбедносни сили
Немирите во Иран, предизвикани од тешките економски услови, претставуваат најголем внатрешен предизвик за иранските лидери во последните години и доаѓаат во време на растечки меѓународен притисок врз Иран поради неговите нуклеарни и балистички ракетни програми.
