Њујорк и Њу Џерси се меѓу најтешко погодените земји. Покрај човечките жртви, целосно е запрен јавниот превоз и голем број домови се без електрична енергија
Во налетот на ураганот Ида во североисточниот дел на САД, загинаа повеќе од 50 лица, соопштија официјални лица.
Седумнаесет смртни случаи се потврдени во државата Њујорк, четири лица го загубиле животот во округот Вестчестер, додека останатите се во градот Њујорк, објави Гласот на Америка.
Според гувернерот на Њујорк, починатите се главно лица што останале заробени во илегални подрумски станови во кои живееле поради ниските примања.
Во Њу Џерси се потврдени 27 жртви, додека четири лица се исчезнати, објави портпаролот на гувернерот.
Њујорк и Њу Џерси се меѓу најтешко погодените држави. Покрај човечките жртви, целосно е запрен јавниот превоз и голем број домови се без електрична енергија.

Најавено е дека претседателот на САД, Џозеф Бајден, во вторник ќе ги посети погодените области.
Еден смртен случај е пријавен во американската држава Конектикат, најмалку четири во Пенсилванија, додека едно лице почина во Мериленд.
Бројот на жртвите од ураганот Ида во Луизијана се зголеми на 12 и се стравува дека може да има повеќе, изјави гувернерот на таа федерална држава, Џон Бел Едвардс.
Во моментов, во Луизијана повеќе од 718 илјади лица се без електрична енергија. Исклучително високите температури и влажноста се исто така голем проблем.
Но со Ида не завршуваат проблемите на жителите на овие области во САД. Ураганот Лари, кој се приближува кон североистокот на САД, исто така, претставува нова закана.