Американскиот геолошки институт предвидува дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10 000, додека економската штета би можела да го надмине годишниот БДП на земјата

Бројот на жртвите од земјотресот што го погоди Мјанмар достигна повеќе од 1 000 додека спасувачите пребаруваат преживеани низ урнатините, пишува „Гардијан“.
Владејачката хунта во соопштение вели дека 1 002 лица биле потврдени за мртви и 2 376 се повредени. Повеќето од загинатите се во Мандалеј.
Во Мандалеј, како што пренесуваат светските медиуми, спасувачите се обидуваат да стигнат до седум лица што се заробени под урната зграда.
Еден од членовите на спасувачката екипа изјавил дека во текот на ноќта успеале да извлечат 50 лица од зградата.
„Сè уште се обидуваме да ги извлечеме заробените, но ни требаат големи машини. Тие сè уште врескаат, им го слушаме гласот, но не знаеме каде се. Ако добиеме поддршка и тешка механизација, можеме да ги отстраниме урнатините и да ги извлечеме заробените луѓе“,
вели спасувачот.
Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала вчера го погоди Мјанмар во претпладневните часови, а неколку минути подоцна следеше последователен потрес со јачина од 6,7 степени.
Земјотресот уништи згради, сруши мостови и ги закочи патиштата низ деловите на Мјанмар, а сериозни штети беа пријавени во вториот по големина град, Мандалеј.
На социјалните мрежи се објавува видео од голема пукнатина што по земјотресот се појавила во Мита, регионот Мандалеј.
MASSIVE ground rupture/crack has appeared in Myittha, Mandalay Region, following the powerful M7.7 earthquake in Myanmar 😱👀 pic.twitter.com/vFlPet0XPH
— Volcaholic 🌋 (@volcaholic1) March 28, 2025
Во соседен Тајланд, кој исто така почувствува потреси, градските власти на Бангкок соопштија дека досега биле пронајдени шест лица мртви, 26 повредени, а 47 сè уште се водат како исчезнати, повеќето од градилиштето во близина на популарниот пазар „Чатучак“ во главниот град, каде што се урна висока зграда.
Американскиот геолошки институт предвидува дека бројот на загинати во Мјанмар би можел да надмине 10 000, додека економската штета би можела да го надмине годишниот БДП на земјата.
Организациите за човекови права „Амнести интернешнл“ и „Хјуман рајтс воч“ ја повикаа воената хунта во Мјанмар да дозволи хуманитарна помош.
Водачот на хунтата Мин Аунг Хлаинг нареди итни спасувачки напори во погодените области. Вчера тој ја покани „која било земја“ да обезбеди помош и донации.
Индија, Малезија, Русија и Сингапур испраќаат авиони со хуманитарна помош и спасувачки тимови во Мјанмар.
Јужна Кореја најави дека ќе обезбеди почетна хуманитарна помош од два милиони долари за Мјанмар преку меѓународни организации.
Блокот на земји од Југоисточна Азија, АСЕАН, објави дека ја препознава итната потреба од хуманитарна помош за Мјанмар по големиот земјотрес и е подготвен да ги поддржи напорите за закрепнување.
И САД најавија дека ќе дадат одредена помош.
Светската здравствена организација (СЗО) подготвува медицински материјали и го активира својот систем за управување со итни случаи, а соопшти и дека го мобилизира својот логистички центар во Дубаи за да обезбеди материјали за повредените.