Земено во просек, по секој напад во Украина се пријавуваат по 4,8 убиени или ранети цивили, што е за 33 отсто повеќе во споредба со 2024 година
Бројот на цивилни жртви во Украина како последица на руските бомбардирања во 2025 година се зголемил за 26 проценти во споредба со претходната година, што говори за засиленото руско таргетирање на украинските градови и цивилната инфраструктура на земјата во рамките на воениот конфликт кој трае безмалку четири години.

Податокот го објави невладината организација „Акција против вооруженото насилство“ (АОАВ) со седиште во Лондон, Велика Британија, според која минатата година биле пријавени 2 248 убиени цивили, а 12 493 се регистрирани како повредени во руските воздушни напади со ракети и дронови, пренесува „Гардијан“. Според организацијата, бројот на жртви по секој напад значително се зголемува.
Земено во просек, по секој напад во Украина се пријавуваат по 4,8 убиени или ранети цивили, што е за 33 отсто повеќе во споредба со 2024 година. Притоа, како најсмртоносен напад е издвоен ударот врз регионот на Днепар што се случи на 24 јуни лани, кога руските ракети погодија патнички воз, станбени објекти и училиште. Во овој напад беа убиени 21 лице, а 314 беа ранети, меѓу кои и 38 деца.
Извршниот директор на АОАВ, новинарот и автор Иан Овертон вели дека бројките покажуваат дека Украина се вклопува, во она што тој го дефинира, како „колапс на воздржаност“, што е видлив во повеќето војни, а што се одразува со кршење на принципот на пропорционалност во војна.
Намерното таргетирање на цивили и цивилна инфраструктура во прекумерен обем со цел стекнување воена предност се смета за воено злосторство. Според експертите, принципот на пропорционалност е на точка на кршење во повеќе воени конфликти, вклучително и оние во Газа, Судан, Конго и во Украина.
„Ја гледавме ова ерозија како се одвива со години, од Хомс до Алепо, до Мариупол и понатаму до Газа. Она што сега изгледа различно е чувството дека веќе не постои функционален меѓународен поредок базиран на правила, способен некогаш да ги повика одговорните на одговорност“,
ја пренесува британскиот весник изјавата на Овертон.
Напади со ракети и беспилотни летала речиси секоја ноќ се случуваа низ целата територија на Украина во 2025 година, а иста е ситуацијата и од почетокот на 2026 година, при што милиони луиѓе се оставени со ограничен или никаков пристап до електрична енергија, греење и вода. Според организацијата, најмасовниот напад од почетокот на војната бил оној на 9 септември лани, кога руските сили употребиле 805 беспилотни летала и 13 ракети.
Организацијата ги следи бројките за цивилните жртви врз основа на извештаи на англиски јазик за воените насилства на глобално ниво. Иако мерењето е конзистентно, сепак реалната бројка на убиени и ранети цивили останува непозната бидејќи медиумските извештаи на еден јазик се нецелосни.
Гледано во глобални рамки, бројот на цивилни жртви е намален за 26 отсто од 10-годишниот максимум што го забележала групата во 2024 година, а тоа главно се должи на прекинот на огнот во Газа, што стапи во сила во октомври минатата година.
Според АОАВ, во текот на 2025 година низ целиот свет се регистрирани 45 358 цивилни жртви, што е намалување во споредба со 61 353 во претходната година. Овие бројки опфаќаат 17 589 цивили, за кои е пријавено дека се убиени, и 27 769 повредени во смртоносни насилства од секаков вид.
Земјата одговорна за најмногу убиени и ранети во смртоносно насилство е Израел, а зад неа е Русија.
Вклученоста на Израел во повеќе конфликти во 2025 година, според организацијата, била причина за 35 отсто од сите пријавени жртви, додека Русија се смета за одговорна за 32 отсто од жртвите на смртоносно насилство.
Војните во Судан и во Мјанмар се следните што се сметаат за најсмртоносни, каде што вкупниот број регистрирани жртви бил 5 438, односно 3 178.
„Низ Украина, Мјанмар, Газа и Судан, пораката е иста. Кога неказнивоста станува нормалност, воените злосторства престануваат да бидат шокантни исклучоци и почнуваат да личат на метод на војување“,
вели извршниот директор на организацијата „Акција против вооруженото насилство“.
