Бројот на заразени случаи со ковид-19 на глобално ниво од појавата на вирусот надмина 9 милиони.
Според податоците од „Ворлдометар“, досега се пријавени точно 9 031 353 случаи.
Од нив во моментов активни се речиси 3,8 милиони, а излекувани 4,8 милиони. Бројот на пријавени смртни случаи досега изнесува 469 514.

Најголем број од досега дијагностицираните случаи се во САД – 2,3 милиони. Таму досега се починати 122 238 лица.
Бразил е втора на листата и надмина 1 милион потврдени случаи со ковид-19. Оваа земја е втора и по бројот на починати – 50 608.
До каде е пронаоѓањето на вакцина?
Научниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Сумија Свамнатан, на прес-конференција пред 4 дена, изрази надеж дека до крајот на годината ќе се произведат неколку стотици милиони дози на вакцина, а дури две милијарди во 2021-та.
Меѓутоа, пронаоѓањето на соодветна вакцина засега не може да се предвиди со временски рокови. Во светот на тоа работат околу 200 тимови, а според СЗО се водат десетина клинички испитувања.
Меѓу последните вести кои беа објавени за напредокот е и таа од Институтот за медицинска биологија на Кинеската академија за медицински науки од каде објавија дека започнуваат втора фаза од тестирање врз луѓе на можна вакцина против коронавирус.
Во втората фаза, според најавата на Институтот, се очекува да се утврди дозата на вакцината, а ќе продолжи и процената дали вакцината може безбедно да го натера на одговор имунолошкиот систем кај здраво лице. Ова е една од шесте можни вакцини што ги тестираат кинеските научници врз луѓето.
Пред три дена германските медиуми пишуваа за вакцина која ја развива германската компанија „КјурВац“ (CureVac) при што наведе дека првите резултати би можеле да се очекуваат за два месеци. Неодамна оваа компанија го доби одобрението за клиничко испитување. Според прогнозите од компанијата доколку условите се поволни и нивната вакцина се покаже како вистинската, тогаш би можела да биде одобрена до средината на 2021.