Точниот број ќе се знае кога ќе се обработуваат податоци и од пријавите на попишувачите, по што ќе следуваат постапки кои не се во надлежност на Статистика
Бројот на оние кои одбиле да се попишат е занемарувачки, односно минимален, одговори директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, на новинарско прашање, на вечерашната прес-конференција по повод завршувањето на пописот.
На инсистирање да каже проценти, Симовски рече дека во овој момент не може да каже бројки, но со сигурност може да каже дека не се работи за проценти, туку за промили. Точниот број ќе се знае кога ќе се обработуваат податоци и од пријавите на попишувачите.
За тоа дали ќе има санкции за нив, односно казни за тоа што одбиле да се попишат, Симовски рече дека тоа не е нивна надлежност.
„За оние кои одбија да се попишат, има изјави од попишувачите и ќе следат постапки. Но, тоа не е наша надлежност“,
рече Симовски.
Но, повтори дека од пријавите од попишувачите може да каже дека тоа е занемарувачка бројка.
Според податоците што Симовски и заменик-директорот на ДЗС, Илми Селами, ги објавија на вечерашната прес-конференција, со пописот кој траеше од 5 до 30 септември, попишани се 1 832 696 лица, 568 175 домаќинства и 837 255 станови. Оние кои поради било која причина останале непопишани, ќе бидат пронајдени во некои од базите при обработка на податоците и ќе бидат дел од пописот, рече Симовски.