Циркулацијата на вирусот е сè уште многу активна, смртноста е сè уште висока и вирусот се развива на непредвидлив начин, изјави претседателот на Комитетот за вонредни прашања на СЗО
Комитетот на Светската здравствена организација за вонредни прашања едногласно оцени дека не е време да се „спушти гардот“ за заштита од пандемијата на ковид-19, изјави претседателот на Комитетот, Дидие Хусин, наведувајќи дека ситуацијата со пандемијата е далеку од завршена.
„Беше констатирано дека ситуацијата со пандемијата на ковид-19 е далеку од завршена: циркулацијата на вирусот е сè уште многу активна, смртноста е сè уште висока и вирусот се развива на непредвидлив начин“,
рече Хусин.
Сепак, сѐ поголем број земји ги укинаа сите или дел од здравствените ограничувања воведени против вирусот.
Според последниот неделен извештај на СЗО за епидемиолошката состојба објавен во вторникот, бројот на заболени од ковид-19 продолжува да опаѓа трета последователна недела, за 24 отсто од 4 до 10 април, во споредба со претходната недела.
Бројот на починати, исто така, падна за 18 отсто во однос на претходната недела.
Најзагрижувачка е состојбата во Шангај каде што и покрај карантинот, кој трае веќе три недели и масовните тестирања на населението, бројката на заразени расте.