Со вчерашниот втор изборен круг ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори освои вкупно 54 градоначалнички мандати во општините плус Градот Скопје, што е за два мандати помалку од резултатот што СДСМ го постигна на локалните избори пред осум години, кога победи во 56 и во главниот град
По два изборни циклуси, оние во 2017 и во 2021 година, резултатите од годинешните локални избори по одржаниот втор круг вчера се пресликана верзија на изборите одржани пред осум години, само со сменети улоги.

Имено, ако во 2017 година СДСМ беше апсолутен победник, на овие локални избори тоа е ВМРО-ДПМНЕ, кога станува збор за освоените градоначалнички мандати.
Но, тоа не е единствената причина поради која резултатите во овој изборен циклус се пресликана верзија на исходот од локалните избори пред осум години.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ освои најголем број градоначалници и на локалните избори, но помалку во споредба со резултатот што социјалдемократите го постигнаа во 2017 година.
На, ако се погледнат бројките заклучно со вчерашниот втор круг, актуелната владејачка партија го има речиси истиот резултат како СДСМ во 2017 година. Истовремено, социјалдемократите на овие локални избори го пресликаа многу слабиот биланс што нивните политички опоненти го доживеаја пред осум години.
Споредбата на трите изборни циклуси покажува и уште еден феномен. А тоа е дека на овие локални избори, покрај СДСМ, најголем губитник е Демократската унија за интеграција (ДУИ), која на овогодишните локални избори настапуваше во коалиција со други помали партии под името „Национална алијанса за интеграција“.
Како што веќе објавивме, ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот втор круг од изборите доби градоначалници во 21 општина и во Градот Скопје. Ако на оваа бројка се додадат 33 градоначалнички мандати што партијата ги освои во првиот круг, тоа значи дека кандидатите на оваа партија ќе раководат со 54 општини, плус Градот Скопје.
Социјалдемократите, заедно со трите градоначалнички мандати во првиот и трите во вториот круг, ќе раководат со вкупно шест општини.

Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВЛЕН (што ја сочинуваат партиите Беса, Алтернатива и Демократско движење), ако се сумираат резултатите од првиот и од вториот круг, ќе има вкупно девет градоначалници.
Кандидатите на нивниот главен политички опонент, коалицијата предводена од ДУИ, „Национална алијанса за интеграција“, ќе раководат со вкупно четири општини, три освоени во првиот и една во вториот круг.
Со Струга ќе раководи независниот кандидат Менди Ќура, со Куманово – ЗНАМ на Максим Димитриевски и со Шуто Оризари – Курто Дудуш од Унијата на Роми, кои за победите се изборија во вториот круг.
Изборниот циклус во 2017 година покажува сосема спротивна слика, но со бројки кои се речиси идентични со исходот од овие локални избори, барем кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Пред осум години социјалдемократите победија во 56 општини на изборите за градоначалници, а го добија и главниот град, со кој оттогаш па во наредните четири години раководеше Петре Шилегов.
Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ тогаш освои само пет градоначалнички мандати, или еден повеќе колку што има сега СДСМ во овој изборен циклус.
Демократската унија за интеграција во 2017 година беше треторангирана партија, според бројот на градоначалници – 10, Алијанса за Албанците имаше три, а Беса и Демократската партија на Албанците (ДПА) по еден градоначалник.
Следниот изборен циклус во 2021 година го означи или, условно кажано, го потврди подемот на ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од четири години претходно, тогаш опозициската партија на централно ниво, освои 37 градоначалнички места, односно 42, додека СДСМ доживеа стрмоглав пад со освоени 16 мандати – 41 помалку во споредба со 2017 година.

На локалните избори пред четири години, ДУИ го задржа нивото од 2017, успевајќи да освои само еден градоначалнички мандат повеќе, односно 11.
Алијанса за Албанците, тогаш во коалиција со Алтернатива, во 2021 година доби двајца градоначалници, а исто толку освои и Беса.
Партијата ГРОМ тогаш освои еден градоначалнички мандат, односно Стевчо Јакимовски по четврти пат стана градоначалник на скопската општина Карпош.
Коалицијата ДОМ/ЛДП, исто така, доби еден мандат, а во три општини победија независни кандидати, меѓу кои и Максим Димитриевски, кој по разидувањето со СДСМ реши сам да настапи на изборите.
