Американската амбасадорка нагласи дека САД остануваат со Северна Македонија на секој чекор од ова патување, бидејќи тоа е од интерес за заедничките стратегиски цели
Разочарани сме што земјите членки на ЕУ не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија на вчерашниот состанок, но нема сомнеж дека државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми регионалната стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност, изјави денеска американската амбасадорка Кејт Мери Брнз, на првиот Економски форум што се одржува во Скопје.

Таа нагласи дека САД остануваат со Северна Македонија на секој чекор од ова патување, бидејќи тоа е од интерес за заедничките стратегиските цели.
„Северна Македонија ги надмина политичката нестабилност и презеде важни демократски реформи, стана стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регион и покажа дека е подготвена да ги заврши тешките задачи неопходни за остварување на стратегиските цели. Потпишувањето на Договорот од Преспа, членството во НАТО и отворање на патот кон ЕУ се само дел од позначајните успеси и сега е време за инвестициите и трговијата да почнат да носат економска корист од овие политички победи. Време е економскиот раст да се зголеми“,
рече Брнз и додаде дека на крајот Северна Македонија припаѓа на Европската Унија и, иако се работи за долг пат, важно е да се продолжи со напредокот.
„Чекорите на овој пат се од особена корист за граѓаните на земјата – јакнење на владеењето на правото, борбата против корупцијата, подобрување на инфраструктурата, интегрирање на економијата со соседите, создавање на клима за инвестирање и бизнис, се работи кои не се само критериуми за ЕУ, туку се особено важни и за граѓаните на Северна Македонија“,
истакна Брнз.
Во однос на Балканот, Брнз рече дека целите на САД остануваат јасни и не променети – во иднина регионот го гледаат во мир со своите соседи, стабилен и целосно интегриран во евроатлантската рамка.